Ексклузивно: Најновиот расказ на писателката Јадранка Клисарова
- За учениците секој расказ претставува ново доживување и можност за учење. Преку случките и ликовите тие откриваат што е добро, а што не е, размислуваат за постапките на јунаците и извлекуваат свои заклучоци. Меѓу нивните омилени раскази е „Различни, а сепак исти“ oд книгата „Децата од моето училиште“ на Јадранка Клисарова, која е лектира за трето одделение. „Анализирајќи го расказот, децата ги откриваат разликите меѓу главниот лик Јована и другите ученици, но истовремено заклучуваат дека и таа е пред сè – дете како нив. Расказот ги поттикнува да размислуваат за прифаќањето на различностите и за односот кон луѓето што по нешто се разликуваат од нас“, вели Јадранка. Токму впечатоците на децата од цела Македонија со кои се среќава, нивното воодушевување и размислувања, како што вели, ѝ биле инспирација да напише нов расказ, како своевидно продолжение на приказната за Јована
Вратата тивко се отвори.
− Се извинувам… малку доцнам од училиште! – рече Филип.
Родителите само се погледнаа. Тие неколку дена беа загрижени зошто секој ден Филип доцна се враќа од училиште. Следниот ден татко му застана зад камената ограда и чекаше. Сите деца излегуваа во групи. Меѓу последните беше Филип. Но не беше сам. Пред него туркаше инвалидска количка, а на двете раменици носеше по еден ранец. Филип внимателно ја оттурна количката преку нерамнината на портата. Кога стигнаа до портата застанаа и чекаа. Филип нешто ѝ раскажуваше на Јована. Таа го гледаше и се смееше. Од еден автомобил излезе една мајка и им се приближи.
− И денес Филип ти прави друштво! – рече мајката.
− Да, мамо! Филип секој ден ми помага да излезам од училница. Погледни, и ранецот ми го носи.
− Ти благодарам, Филип! Ти си вистински другар. Јована секој ден зборува за тебе.
− Ништо не направив посебно, само ѝ правев друштво на Јована да не биде сама – некако срамежливо одговори.
−Сакаш да те однесеме до дома? Доцна е! – рече мајката.
−Ви благодарам, живеам во близина – тргна Филип и рече – До видување, Јована!
Филип го здогледа татко си. малку се изненади. Тој никогаш не доаѓаше по него. Секогаш си одеше од училиште сам.
− Тато, дали дојде по мене? – рече Филип.
− Не, поминував случајно. – Ајде да одиме дома! – одговори татко му.
Во тој момент се сврте и мајката на Јована.
− Ви благодарам, сте воспитале прекрасно дете! – рече мајката.
− Јас и Филип многу се сложуваме и на часовите. Никогаш не ме остава сама – рече Јована.
−Ние со мајка му секогаш го учиме да биде добар кон другите.
− Такви треба да се децата, но не се сите – одговори мајката.
− Уште еднаш до видување и му благодариме на Филип.
Додека заминуваа Јована и мајка ѝ, Филип стоеше и им мавташе со раката. Татко му го погали по главата и заедно продолжија кон домот. Вечерта, додека Филип ги подготвуваше книгите за следниот ден, татко му тивко ѝ рече на мајка му:
− Нашето момче расте во добар човек.
Авторка: Јадранка Клисарова

































