Фото: Министерство за правда

Работната група за реформи во изборното законодавство денес ја одржа седмата седница, на која беа разгледани и анализирани предлозите, мислењата и забелешките доставени од надлежните институции, политичките партии, граѓанските организации и другите засегнати страни во процесот на подготовка на измените на Изборниот законик, велат од Министерство за правда.

– На седницата беше потврден досегашниот напредок во усогласувањето на законските решенија со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, при што членовите на Работната група водеа интензивна и конструктивна расправа за повеќе прашања кои директно влијаат врз транспарентноста, интегритетот и кредибилитетот на изборниот процес – велат од министерството.

Оттаму ја истакнуваат посветеноста и активното учество на сите членови на Работната група и оценуваат дека процесот се одвива во духот на дијалог, професионалност и заедничка одговорност за унапредување на демократските стандарди во државата.

– Реформите во изборното законодавство претставуваат важен чекор кон јакнење на институционалната доверба и обезбедување фер, слободни и демократски избори во согласност со европските стандарди и меѓународните препораки – велат од министерството.

Следната седница е закажана на 12 јуни по што законските измени ќе се финализираат и ќе се достават во понатамошна процедура.