Фото: Министерство за здравство

Министерството за здравство, во соработка со Светската здравствена организација (СЗО), започна национална иницијатива за унапредување на квалитетот на здравствената заштита и безбедноста на пациентите, со цел подобрување на здравствените услуги и постигнување подобри здравствени исходи за граѓаните.

Како што соопшти Министерството, иницијативата се реализира со поддршка на Канцеларијата на СЗО во Северна Македонија и Канцеларијата на СЗО за квалитет на здравствена заштита и безбедност на пациентите во Атина, а нејзин клучен дел е првата сеопфатна проценка на националната рамка за квалитет на здравствената заштита, која ќе се спроведува од мај до август 2026 година.

Процесот беше официјално означен со национална работилница во Скопје, на која присуствуваа министерот за здравство Азир Алиу, претставникот на СЗО во земјава д-р Аким Али и раководителот на Канцеларијата на СЗО за квалитет на здравствена заштита и безбедност на пациентите во Атина, д-р Жоао Бреда. На настанот учествуваа и претставници на здравствени институции, академската заедница, професионални здруженија и пациентски организации.

Министерот Алиу нагласи дека квалитетот и безбедноста на пациентите се клучни елементи на реформите во здравствениот сектор.

-Нашата цел не е само да обезбедиме повеќе здравствени услуги, туку услуги кои се побезбедни, поквалитетни и поориентирани кон пациентот. Квалитетот и безбедноста на пациентите не се дополнителен елемент на реформата – тие се нејзината суштина – изјави Алиу.

Во рамки на проценката ќе се реализираат консултации со релевантни институции и организации, теренски посети, технички состаноци, интервјуа и анализа на постојните политики и практики. Добиените наоди треба да послужат како основа за зајакнување на управувањето со квалитетот, отчетноста и континуираното подобрување на здравствените услуги.

Претставникот на СЗО во државата, д-р Аким Али, оцени дека квалитетот на здравствената заштита е од суштинско значење за подобри здравствени резултати и зајакнување на довербата на јавноста во здравствениот систем.

Од своја страна, д-р Жоао Бреда истакна дека Северна Македонија со оваа иницијатива покажува лидерство и јасна посветеност кон континуирано подобрување на здравствениот систем.

Од Министерството за здравство и СЗО посочуваат дека крајната цел е воспоставување посилна национална рамка за квалитет и безбедност на пациентите, како и создавање поефикасен, поотчетен и граѓански ориентиран здравствен систем.