Компанијата Макпрогрес денеска официјално ја пушти во употреба новата фабрика за производство на вафли од брендот Винчини, инвестиција вредна 8,5 милиони евра, реализирана со сопствени средства и кредитна поддршка од комерцијалните банки, пренесе МИА.
На свеченото отворање присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски.
Генералниот директор на „Винчини“, Глигор Цветанов, информираше дека инвестицијата е финансирана преку сопствени средства, кредити од комерцијалните банки и дел од средствата обезбедени преку унгарската кредитна линија поддржана од Владата.
Според Цветанов, фабриката во почетната фаза отвора 40 работни места, при што дел од вработените се преземени од постојните капацитети, а дел се новоангажирани кадри. Тој најави дека во текот на следната година ќе бидат отворени уште 40 нови работни места, кога се планира и удвојување на производствениот капацитет.
Новиот производствен објект е изграден за само шест месеци и располага со две современи линии за производство на вафли и сродни кондиторски производи, наменети како за домашниот, така и за странските пазари.
Премиерот Мицкоски ја поздрави инвестицијата, истакнувајќи дека компанијата претставува еден од носителите на македонската кондиторска индустрија.
– Импресиониран сум од развојот на компанијата, која од скромен семеен бизнис прерасна во регионален гигант со годишен промет поголем од 40 милиони евра. Како Влада ќе продолжиме да ги поддржуваме домашните компании, особено оние кои се извозно ориентирани. Осумдесет проценти од производството на оваа компанија е наменето за извоз и ќе сториме сѐ што е во наша моќ да помогнеме во реализацијата на нејзините идни планови и амбиции – изјави Мицкоски.


































