Фото: ЕПА
  • Првпат во програмата се вклучени и квалификациските натпревари за СП. Вкупната сума за клубовите е зголемена за 70 отсто во споредба со СП 2022, пишува ФИФА

Светската фудбалска федерација (ФИФА) сподели дополнителни детали за новите принципи на распределба на Програмата за клупски бенефиции за Светското првенство (СП), која треба да обезбеди невидени награди за клубовите низ целиот свет врз основа на поинклузивен и пофер модел, кој првпат директно ќе ги награди клубовите што ослободиле играчи за натпревари од квалификациите за Светското првенство. Советот на ФИФА потврди дека фондот од 355 милиони долари е договорен како дел од обновениот меморандум за разбирање помеѓу ФИФА и Европските фудбалски клубови (ЕФК), што е зголемување од 70 отсто во споредба со СП 2022, а парите ќе бидат поделени на две различни распределби, пишува ФИФА.
Вкупно 100 милиони долари се резервирани за клубовите што ослободија играчи за квалификациите за СП 2026, распределени по играч по натпревар. Со оглед на тоа што се одиграни 905 квалификациски натпревари, очекуваната придобивка изнесува приближно 2.360 долари по играч по натпревар, пишува ФИФА. Дополнителни 250 милиони долари ќе бидат распределени меѓу клубовите чии играчи ќе учествуваат на СП 2026. Плаќањата ќе се пресметуваат по играч по ден, земајќи ги предвид и вклучувањето во составот и времетраењето на учеството на секој фудбалер. Минималниот очекуван принос е приближно 5.000 долари по играч дневно, а конечните бројки ќе бидат потврдени по турнирот, пишува ФИФА. Преостанатите пет милиони долари што се чуваат во резерва, по одбивањето на административните трошоци поврзани со спроведувањето на програмата, ќе бидат доделени во корист на глобалниот клупски фудбал врз основа на договор меѓу ФИФА и ЕФК. Н.М.