ПРЕД КРАЈОТ НА УЧЕБНАТА ГОДИНА

Се насетува крајот, кога заокружуваме уште една учебна година. Заклучно со 10 јуни, останува уште една недела, кога полуматурантите ќе бидат пред предизвикот наречен: запишување во идно средно образование, а на другите ученици ќе им започне летниот распуст. Наставна година исполнета со многу наставни и воннаставни активности, предизвици, зачестени апликации на Еразмус-проекти и уште многу други тековни работи. Вложениот труд, на крајот секогаш се исплаќа.
Во овој текст ќе го насочам вниманието на две точки: одговорноста на наставникот и одговорноста на ученикот.
1. Одговорноста на наставникот
Лично за мене одговорен наставник е оној што:
– работи со многу љубов и волја во својата наставничка професија;
– го почитува училишниот кодекс;
– секогаш позитивно размислува пред многуте негативни соочувања;
– верува дека работите секогаш можат да бидат подобри;
– ги извршува сите задолженија дадени од директорот на училиштето, стручната служба итн.
– си ја гледа својата наставна работа и гради професионален однос со колегите (значи, не трачари, не завидува и сл.);
– има цел од ученичето да направи прав ученик со: посветена, трпелива и макотрпна работа;
– професионално се надградува, користејќи искуства од повозрасни колеги, како и искуства од други училишта во нашата земја и пошироко;
– им излегува секогаш во пресрет на колегите кога треба да им помогне, да ги замени кога се отсутни и сл.
– не се жали дека му е напорна работата или пак како ќе се издржат 7 наставни часа денес;
– способен е и квалитетен во својата наставна област, а доследно и точно дава одговор на поставено прашање од научната област;
– има задоволство да учествува на настани поврзани со предметот/предметите што го/ги предава (натпревари, патронат, екскурзии…);
– предложува наставни и воннаставни активности што би биле од добробит за самото училиште, па и за градот во кој се наоѓа училиштето;
– сака да соработува со локалната самоуправа и да даде придонес во функционирањето на образовната дејност;
– има чест да комуницира со родителите за нивните деца и постигнувањата на училиште…
– не препрашува постојано дали имало плата или не (нормално дека ќе има, за тоа работиме, законска должност е вложениот труд да се плати).
И така, наставникот има уште многу други обврски и одговорности (не само горенаведените 16) што треба: посветено, професионално и етички да ги извршува. Но ќе оставам нешто и за следна пригода.

1. Одговорноста на ученикот
Лично за мене од одговорен родител произлегува и одговорен ученик, кој:
– мора да го почитува училишниот кодекс, наменет за него;
– води сметка за културата на изразување и комуницирање со соучениците и со наставниците, па и воопшто;
– ги извршува сите активности поврзани со наставните предмети што ги задаваат наставникот и самото училиште;
– не се спротивставува и се однесува разбрано;
– со задоволство учествува на: натпревари, патронат, активности поврзани со наставата и вонучилишни предизвици;
– покажува интерес за: дополнителна настава, како и секции…;
– максимално ги користи својот потенцијал и дар што ги поседува, во давање на најдоброто од себе;
– континуирано учи, а не само пред тест и испрашување;
– не се „пазари“ за оценки, кога точно знае колку може да постигне;
– го слуша наставникот и прима добронамерен совет кога навистина е потребен;
– се истакнува и се докажува со своите: знаења, интереси, вештини, способности…;
– дава конструктивни предлози за подобрување и напредување на училишната клима;
– културен е и цивилизиран пример не само во училиштето ами секаде;
– соработува со наставниците, а не се ограничува на еден или двајца наставници;
– не манипулира, не се расправа, не подлегнува под негативно влијание (на соученици или пак некој друг во училишната средина);
– секогаш и секаде позитивно и радосно ги претставува своето училиште и наставниците.

Одговорноста на ученикот многу значи и треба да биде стабилна и во најдобро светло прикажана. Настрана од технолошката зависност (мобилен телефон, социјални алатки, компјутер и сл.), ученикот има обврска да остане: добар и за пример и никако поинаку! Затоа, како што почнав погоре, најважни се: влијанието и улогата на домот, од каде што ученикот тргнува. Ако се влијае воспитно, тогаш нема да имаме проблеми, но ако се допушти слобода на однесување (каква што гледаме и доживуваме), тогаш проблемите само ќе растат, а нема да се решаваат.
За крај на овој мој текст, драги ученици: ви го честитам постигнатиот успех на училиште (запомнете: за вас учите и можете многу да постигнете); имајте добро лето, но не заборавајте: читајте и другарувајте со книги, богатете ги речникот и културата на изразување. Негувајте ја македонската белетристика. Оставете ги настрана социјалните мрежи или користете ги паметно. Одете по разумен и нормален пат во животот. Верувајте дека е исплатливо и корисно. Останете: среќни, паметни и добри.