Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (21)
Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците
Современиот човек денес живее побрзо од кога било. Работи повеќе, има помалку време и постојано бара решенија што ќе му го олеснат секојдневието. Токму на таа човечка потреба се изгради и современата индустрија за храна за миленици – индустрија вредна милијарди евра, која успеа да создаде чувство дека е „нормално“ кучето целиот свој живот да го помине јадејќи исклучиво суви индустриски гранули и фабрички грицки. Но колку е тоа навистина природно? И уште поважно – колку е научно оправдано?
Ако внимателно се анализира составот на голем дел од комерцијалните суви храни, станува јасно дека маркетингот и реалноста често немаат многу заедничко. На рекламите гледаме фотографии од сочно свежо месо, зеленчук или јајца. Но во реалноста, кај многу производи доминираат високопреработени животински нуспроизводи, односно отпадот од човечката индустрија: мелени коски, сврзни ткива, кожи, масти, органски остатоци, па дури и преработени пердуви како извор на протеини. Формално, и пердувот содржи протеин, но, биолошката вредност на таквиот протеин не може ниту да се спореди, а не пак да ривализира со составот на свежото месо или, пак, на јајцето. Тука лежи суштинската разлика меѓу „хемискиот состав“ и вистинската нутритивна вредност.
Истражувања на Универзитетот во Вагенинген (Холандија), кој се смета за еден од водечките светски универзитети и истражувачки центри во областа на земјоделските науки, исхраната, екологијата, животната средина, биотехнологијата и биолошките науки, покажуваат дека процесот на производство на гранули – екструзија под висок притисок и температура – значително ја менува структурата на протеините и дел од хранливите материи. Со други зборови: на декларацијата можеби пишува „протеин“, но природната биолошка вредност на таа храна е далеку од свежото месо, органите, јајцата или природната храна што кучето еволутивно е приспособено да ја консумира. Со термичка и индустриска обработка се деградираат дел од ензимите и термолабилните микронутриенти што учествуваат во оптималната дигестија и метаболичка искористливост. Дополнителен проблем е што многу сопственици денес не даваат ништо друго, освен гранули: без коски, без природно џвакање, без јајца, без свежи елементи, без разновидност. Практично, животното поминува цел живот на монотона, сува, индустриски обработена исхрана. Замислете човек цел живот да јаде само една дланка прашкаста смеса компресирана во топчиња. Ниту еден нутриционист не би го нарекол тоа идеална исхрана. Па зошто толку лесно прифаќате дека е совршена за вашето куче?
Особено е загрижувачка приказната околу забите и оралното здравје. Со години јавноста слуша дека гранулите „ги чистат забите“. Но научните истражувања не ја потврдуваат таа приказна. Студии објавени во ветеринарни стоматолошки списанија покажуваат дека кучињата хранети со сува храна и понатаму развиваат наслаги, каменец и воспалени непца. Вистинското механичко чистење доаѓа од природно џвакање – коски, влакнести структури и материјали што бараат активна работа на вилицата. Биолошки, тоа е логично. Кучето не е создадено само да голта. Тоа е животно што треба да кине, да дроби и да џвака.
Особено е проблематична и индустријата за таканаречени „грицки“ и „вештачки коски“. Дел од овие производи се произведуваат од отпад од кожната индустрија – внатрешни слоеви од обработени кожи што дополнително се избелуваат, обликуваат и третираат со хемиски средства. Во дел од производството се користат лепила и индустриски средства за обработка што не се наменети за консумација. Постојат и официјални предупредувања и повлекувања на вакви производи поради ризици од хемиска контаминација, дигестивни блокади и оштетувања на забите. Дополнително, овие производи често се прават екстремно вкусни и ароматизирани за животното постојано да ги бара, создавајќи модел на зависност сличен на индустриските грицки кај луѓето.
Но исхраната не е само биологија. Таа е и социјален и однесувачки процес.
Кај луѓето, јадењето е длабоко поврзано со споделување, заедништво и култура. Оброкот е социјален чин – семејството се собира, храната се дели, се градат комуникација и припадност. Дури и еволутивно, човечкото однесување околу храната е врзано за заедничко јадење и соработка.
Кај кучињата, пак, храната е поврзана со хиерархија и ред во групата. Во природни услови, пристапот до храна не е рамномерен, туку се организира преку социјална структура, доминација, толеранција и редослед. Тоа не значи агресија во секој случај, туку биолошки систем на распределба и контрола на ресурси во глутница.
Кога домашното куче се храни изолирано, секогаш од ист постојано полн сад, без контекст, без социјален или природен процес, се губи и тој аспект од неговото природно однесување – не само нутритивниот туку и бихејвиоралниот.
И тука се поставува едно поосновно прашање, кое често се избегнува во јавната дебата: ако немаме време, волја или капацитет да се грижиме за исхраната, интеракцијата и секојдневната посветеност на едно куче, зошто воопшто го имаме? Кучето не е предмет за минимално одржување. Тоа е живо суштество што бара време, внимание, движење, емоционална врска и правилна исхрана. Во тој контекст, кучето не е само трошок туку и луксуз – не само финансиски туку и временски и емоционален. Тоа е одлука што автоматски подразбира промена на начинот на живот, а не само додавање на уште една обврска што треба да се „олесни“ преку индустриски решенија.
Тука доаѓам и до мојата лична филозофија. Верувам дека доколку нешто не е прифатливо како основна доживотна исхрана за човекот, тогаш треба сериозно да се запрашаме дали навистина е добро и за миленикот. Човекот можеби и би сакал да избегне да „губи“ време во готвење, ресторани, па дури и јадење колку што е можно повеќе. Доколку гранулите навистина беа идеално решение, тогаш логично би било да го поминеме целиот живот со по една дланка индустриска храна дневно и да заштедиме години од животот. Но реалноста е спротивна: човечкиот организам не може да се измами. Потребни се разновидност, свежа храна, структура, микронутриенти и природен процес на јадење. Природата не функционира како индустриски систем.
И токму затоа е опасно кога индустријата се обидува да ни наметне идеја дека ултрапреработената монотона храна е „совршена“ – за суштество што биолошки е создадено за разновидна и активна исхрана, за омнивор, како и човекот. Храната не е само полн стомак. Таа е имунитет, заби, енергија, виталност и долговечност. А љубовта и здравјето на миленикот најчесто започнуваат токму таму – во садот за храна.
Илија Петковски

































