Меѓу сите елементи на еден јазик, правописот ужива парадоксален статус. Од една страна, тој е највидливиот и најшироко применуван дел од јазичната норма – со него се среќава секој ученик, новинар, преведувач и службеник. Од друга страна, во јавната свест често се сведува на ситничарска забелешка за запирки и големи букви, како да станува збор за орнамент, а не за основа.
А што всушност е правописот? Под правопис се подразбира систем од нормирани правила со кои се уредува писмената форма на еден јазик: пишувањето на гласовите и буквите, употребата на голема и мала буква, интерпункцијата, слеаното и разделеното пишување на зборовите, пренесувањето на зборовите во нов ред, како и предавањето на туѓите имиња и заемките. Правописот не е исто што и азбуката (писмото) – додека азбуката е графичкиот инвентар на знаци, правописот е системот од правила за нивната употреба.
Уште Фердинанд де Сосир укажал дека писмото е секундарен знаковен систем во однос на говорот: јазикот постои независно од своето пишано руво, а писмото го претставува, го „пресликува“ говорот. Од оваа гледна точка правописот навидум е само техничка надградба. Меѓутоа, штом еден говорен идиом ќе се воздигне до стандарден јазик, неговата пишана норма стекнува сопствена нормативна сила и повратно влијае врз самиот говор, врз изговорот, врз чувството за „правилно“ и врз општествениот престиж на говорителот. Така правописот од обично пресликување на говорот станува регулатор на писмената (а делумно и на усната) комуникација на целата заедница.
Тука лежи првото и можеби најважно значење на правописот. Според влијателниот модел на јазичното планирање на Ајнар Хауген, патот од дијалект до стандарден јазик минува низ четири фази: избор на основа, кодификација, разработка на функциите и прифаќање во заедницата. Правописот е срцевината на фазата на кодификацијата, заедно со граматиката и со речникот, бидејќи ја фиксира нормата и ѝ дава определеност.
Значењето на оваа функција станува очигледно ако се замисли јазична заедница со изразена дијалектна разновидност, но без воспоставен правопис. Во таква состојба секој би пишувал според својот говор и според сопствената навика, па писмената комуникација би се распрснала во толку варијанти колку што има говорители. Правописот воведува едно заедничко „корито“: тој ги надминува дијалектните разлики на писмено рамниште и овозможува текстот напишан на едниот крај од јазичната територија да биде еднозначно прочитан на другиот. Без оваа обединувачка функција не е возможна ниту единствена литература, ниту образование, ниту администрација, ниту наука на тој јазик.
Различните јазици го градат својот правопис врз различни начела, чие познавање е клучно за разбирање на самата природа на правописот: Фонолошко (фонетско) начело – секој глас (поточно, секоја фонема) се бележи со свој знак, според правилото „пишувај како што зборуваш, читај како што е напишано“, формулирано уште од Аделунг, а доследно спроведено кај Вук Стефановиќ Караџиќ за српскиот јазик. Македонскиот правопис припаѓа претежно на овој тип. Морфолошко начело – се чува единствениот лик на морфемата и кога изговорот се менува, за да остане препознатлива нејзината врска со сродните зборови.
Етимолошко и историско-традиционално начело – се пишува според потеклото на зборот или според вкоренетата традиција, дури и кога тоа значително отстапува од современиот изговор (карактеристично за англискиот и за францускиот правопис). Начело на разликување – различно се бележат истозвучни зборови за да се избегне двосмисленост. Во практиката ниту еден правопис не почива само на едно начело; станува збор за нивен сооднос и за компромис меѓу спротивставени потреби.
Понатаму, изборот на правописно начело не е само теоретско прашање туку тој директно влијае врз леснотијата со која се стекнува писменоста. Во психолингвистиката е добро позната т.н. хипотеза за правописната длабочина (поврзана пред сè со истражувањата на Кац и Фрост), според која, „плитките“, претежно фонолошки правописи (како македонскиот, италијанскиот, српскиот и др.), кај кои односот меѓу буквата и гласот е близок до еден спрема еден, овозможуваат побрзо и поедноставно усвојување на читањето и пишувањето отколку „длабоките“ правописи со многубројни неправилности (како англискиот, францускиот и др.). Импликацијата е значајна за јазичната политика. Кога еден јазик се стандардизира, изборот на доследно фонолошки правопис не е само естетски или традиционален туку и инвестиција во побрзо описменување, во помал број грешки и во поширок и побрз пристап на населението до писмената култура. Во овој поглед, правописот добива и изразито социјална, демократизирачка функција – тој може да ја направи писменоста подостапна или, обратно, да ја претвори во привилегија на потесен образован слој. Конечно, правописот носи и силно симболичко значење. Историски, кодификацијата на еден јазик, а со неа и озаконувањето на правописот, речиси по правило се совпаѓа со процесите на национално и државно конституирање. Стандардниот јазик со својата фиксирана пишана норма станува едно од обележјата што ја определуваат и ја разграничуваат заедницата, особено во однос на сродните, блиски идиоми.
Македонскиот пример е парадигматичен. Уште Крсте Петков Мисирков, во делото „За македонцките работи“ (1903), го поврза прашањето за литературниот јазик и неговата норма со прашањето за националниот опстанок. Кодификацијата извршена во 1945 година, усвојувањето на азбуката (5 мај) и потоа озаконувањето на правописот (7 јуни) не беа само техничко уредување на писмената практика туку чин на потврдување дека постои заедница што има право да го запише својот збор по сопствено мерило.
Во таа смисла, правописот е истовремено и културен и државотворен факт: тој е невидливиот, но цврст темел на писмениот идентитет на еден народ. Но современите услови го ставаат правописот пред нови предизвици. Неформалната дигитална комуникација, латиничното пренесување на кирилските текстови, мешањето на јазичните кодови и автоматските исправувачи создаваат постојан притисок врз нормата и ја заматуваат границата меѓу прифатливото и неприфатливото. Ова не ја укинува важноста на правописот, туку напротив – ја засилува потребата од јасна, стабилна, но и разумно ажурирана норма. Зашто правописот не е затворен пропис донесен еднаш засекогаш, туку жив систем што бара негување, доследна примена во образованието и во медиумите и периодично, научно засновано преиспитување. Правописот далеку го надминува статусот на технички правилник. На лингвистичко рамниште, тој е срцевината на кодификацијата без која нема стандарден јазик; на образовно, тој пресудно влијае врз леснотијата на описменувањето; на социокултурно и симболичко, тој е едно од клучните обележја на идентитетот и на државноста. Оттука произлегува и одговорноста: грижата за правописот не е педантерија, туку начин на чување на самата основа на писмената култура. Додека една заедница доследно и со чест ја применува сопствената правописна норма, таа ја потврдува сопствената писмена самобитност.
Затоа, грижата за македонскиот јазик не треба да биде само декларативна – на значајни датуми да се цитираат познати писатели или дејци и толку; грижата се гледа во имањето државна стратегија за македонскиот јазик, којашто сѐ уште ја немаме; грижата се гледа во спроведувањето на Законот за употребата на македонскиот јазик, кој сѐ уште не се спроведува; грижата се гледа во институционалната одговорност, којашто отсуствува; грижата се гледа во односот на секој говорител кон сопствениот јазик, на кој треба уште многу да работиме.

































