Фото: ЕПА

Аналитичка опсервација

  • Додека светот секојдневно гледа воени судири во Украина, Газа, Сирија и во Иран, сè погласно се поставува прашањето дали веќе
    живееме во ера на глобален конвенционален судир, но без официјално признание или објава? Големите сили денес не се судираат
    директно, туку преку туѓи територии, економски притисоци, енергетски кризи и геополитички фронтови што се протегаат низ цела Евроазија. Во центарот на новата глобална пресметка повторно е борбата за контрола на т.н. голема шаховска табла, простор каде што се судираат интересите на големите сили
  • Додека стариот униполарен поредок забрзано се распаѓа, за жал, светот влегува во опасна и неизвесна ера на мултиполарни конфликти. Дали американската доминација навистина слабее? Дали Русија и Кина создаваат нов глобален баланс? И дали следниот голем судир ќе се пресели од Украина кон Тајван и Индопацификот? Опсервацијата во продолжение е приказна за светот што незапирливо се менува, а и за глобалниот судир што можеби веќе е во тек…

Газа, Украина, Иран, Сирија, Тајван, Јужно Кинеско Море… На прв поглед, одвоени конфликти. Но ако се погледне пошироката геополитичка слика, станува јасно дека светот влегол во долга и опасна епоха на глобално судирање на силите. Прашањето повеќе не е дали постои нов светски конфликт, туку каква форма има тој. Без официјална објава, без јасни фронтови како во минатото, денешниот судир се води преку прокси-војни, економски санкции, енергетски битки, медиумски операции и технолошка доминација. Многумина од нас повозрасните новинари веќе го нарекуваат – трета светска војна?!

Евроазија – големата шаховска табла

Уште одамна геополитичарите сфатиле дека клучот на светската моќ лежи во Евроазија. Огромен простор богат со ресурси, население, енергија и цивилизациски центри. Токму затоа американскиот стратег Збигњав Бжежински ја нарече Евроазија „големата шаховска табла“ на светската политика. По падот на СССР, САД успеаја да воспостават глобална доминација контролирајќи ги клучните точки на евроазискиот простор. Но таа униполарна ера денес очигледно се распаѓа. На сцената повторно се враќаат Русија и Кина, а светот постепено влегува во мултиполарен поредок.

Три фронта на новата геополитика

Современите судири денес се концентрирани околу три големи геостратегиски фронта.

1. Источноевропскиот фронт: Украина

Војната во Украина не е само конфликт меѓу Москва и Киев. Таа е директен судир меѓу Русија и западниот безбедносен систем предводен од НАТО. Со децении НАТО се ширеше кон исток, сè поблиску до руските граници. Москва го доживеа тоа како егзистенцијална закана. Затоа Кремљ реши да запре понатамошно ширење, и тоа ако треба по цена на долга и исцрпувачка војна. Но зад фронтот се појавуваат пукнатини и во самиот Запад, како што се политички поделби, економска криза, енергетска зависност и сè погласни сомнежи околу иднината на НАТО и ЕУ.

2. Блискиот Исток, вечното безбедносно жариште

Од Ирак и Авганистан, до Сирија и Иран, Блискиот Исток останува центар на глобалните пресметки. САД со децении се обидуваат да го задржат влијанието преку Израел, заливските монархии и воените бази низ регионот. Но денес ситуацијата е значително поинаква. Русија повторно се врати на Блискиот Исток, Кина економски навлегува во регионот, а Иран стана далеку посилен фактор отколку пред две децении. Американското повлекување од Авганистан симболично го означи крајот на една ера.

3. Далечниот Исток со тивка подготовка?!

Најопасниот фронт можеби допрва доаѓа. Кина станува економска и воена суперсила, а САД настојуваат да го ограничат нејзиното ширење во Пацификот. Главната точка на ризик е Тајван и Трамп го знае тоа. Затоа, тој на својата последна посета на Пекинг излезе пред кинескиот претседател Си Џинпинг, а потоа и во јавноста, со изјава со која првпат во историјата најави дека ја поддржува политиката на Пекинг за единствена Кина и дека не сака прогласување независности, алудирајќи на Тајван. Со оглед на „политичкиот слалом“ и острите вртења на политичките ставови на Трамп, можеби ваквите ставови не се докрај за верување, бидејќи индикативно е и што Вашингтон паралелно ја зајакнува воената инфраструктура во Индопацификот и внимателно избегнува директни недоразбирања со Пекинг, а доколку постојат (како што беше трговската војна меѓу нив), тоа се решава на дипломатски план и со обострана согласност. Но во јавноста останува прашањето „дали идниот голем судир ќе започне токму во Јужно Кинеско Море“?!

Светот влезе во нова епоха

Денешните конфликти покажуваат дека стариот светски поредок забрзано исчезнува. Униполарната доминација на САД повеќе не е апсолутна, а новите сили бараат сопствен простор и влијание. Затоа денешните војни не се само регионални пресметки. Тие се дел од поширока глобална трансформација што ќе ја одреди иднината на 21 век. Сè уште нема јасен победник. Ниту пак постои сигурност дека големите сили ќе останат само на посредни судири. Но едно треба на сите нам да ни биде јасно. Светот веќе не живее во време на мир, туку во период на долга глобална нестабилност, односно длабоко е навлезен во светот на војната што сè уште нема официјално име.