Фото: „Нова Македонија“

На одредени гранични премини, во случај на зголемен сообраќај, а со цел воспоставување нормален проток на патници и возила, постои можност привремено и делумно да се суспендира имплементацијата на ЕЕС системот, односно регистрацијата да се врши без земање биометриски податоци, отстапка што важи до 8 јули годинава, со можност да се продолжи до 6 септември, произлегува од одговорите на пратенички прашања доставени од заменик-министерот за заштита на граѓаните на Грција, Јоанис Ламбропулос, пренесе дописничка на МИА од Грција.

Во изминатиот период, со километарските колони што во одредени денови се создаваат на копнените гранични премини, особено на „главната порта за влез/излез“, како што во Грција се нарекува граничниот премин Евзони, освен натписите во медиумите, реакциите од хотелиерите од северниот дел на земјата, неколку пратеници од различни партии, преку пратенички прашања доставени до надлежното Министерство побараа одговори и објаснувања за новиот систем на ЕУ за биометриска регистрација на сите државјани од трети земји.

Дописничката на МИА од Атина, разгледа три одговори на пратенички прашања, двете прашања се од пратеници на Нова демократија, едно од партијата Ники (Победа), додека пак одговорите, сите потпишани од заменик-министерот за заштита на граѓаните на Грција, Јоанис Ламбропулос, се два од 21 мај и последниот од 27 мај 2026 година.

Доколку се анализираат овие официјални писмени одговори од Министерството за заштита на граѓаните на Грција, што е надлежно за полицијата и за контролите на граничните премини, произлегува дека европската регулатива мора да се имплементира, меѓутоа, дава можност првично до 8 јули, а потоа автоматски се продолжува до 6 септември, доколку има исклучително голем сообраќај и предолги редици, властите привремено да ја намалат употребата на биометриските проверки за да се забрза протокот на патници, односно регистрацијата во системот да се спроведува регуларно, но без фотографирање и земање отпечатоци.

 

Објаснето е дека со одлука на Европската комисија од 30 јули 2025 година, на 12 октомври 2025 година започна со работа, на ниво на цела Европа, Системот за влез и излез – новата постапка за пасошка контрола на државјани на трети земји при преминување на надворешните граници на Европската Унија и нивниот влез/излез од Шенген-зоната, a целосната примена на системот беше воспоставена на 10 април 2026 година, при што целосно ја замени досегашната практика на ставање печати во патните исправи.

– Согласно регулативата, од 10 април 2026 година е задолжителна регистрација во системот за сите преминувања на лицата што подлежат на регистрација, меѓутоа до 6 септември 2026 година, во исклучителни околности што доведуваат до сообраќај од таков интензитет што времето на чекање на граничните премини станува прекумерно, постои можност за делумно суспендирање на употребата на ЕЕС (регистрација во системот без земање биометриски податоци). Оттука, од 10 април 2026 година е задолжителна регистрацијата во системот на сите преминувања, дури и кога не се земаат биометриски податоци, при што остануваат оперативно достапни сите алтернативни процедури предвидени во член 21 од Регулативата (ЕУ) 2017/2226 – пишува во одговорот од заменик-министерот од 27 мај.

Дополнително, упатува и на соопштението од грчката полиција од 8 мај годинава во кое е објаснето дека Грција успешно го стави во целосна функција системот за влез и излез (ЕЕС) на 10 април 2026 година, а за натписите во медиумите за начинот на примена на ЕЕС во Грција, појаснето е дека „надлежните грчки органи ги преземаат сите неопходни мерки за обезбедување непречен проток на посетители на граничните премини за влез и излез од земјата, користејќи ги можностите што ги предвидува европското законодавство“.

– Во овој контекст се нагласува можноста што Регулативата 2025/1534 на ЕУ им ја дава на земјите членки, во текот на првите три месеци од целосното функционирање на ЕЕС, привремено да ја суспендираат постапката за земање биометриски податоци за ограничен временски период и на конкретен граничен премин, кога тоа е неопходно за повторно воспоставување на нормалниот проток на патници – пишува во соопштението од грчката полиција.

На можноста за делумна суспензија на системот, без земање биометриски податоци се осврнува заменик-министерот во одговорите од 21 мај на другите две пратенички прашања.

Објаснува дека до 8 јули 2026 година во исклучителни околности при зголемен сообраќај на граничните премини, системот за влез/излез ЕЕС, може да се користи без земање биометриски податоци, а овој рок може да биде продолжен до 6 септември 2026.

Не е предвидено поставувње киосци за саморегистрација

На копнените гранични премини, според заменик-министерот за цивилна заштита на Грција, биометриските податоци (фотографирање и отпечатоци) се земаат во кабините на граничната полиција, каде што постои специјална опрема, а не е предвидена можноста за поставување т.н. киосци што патниците сами би ги користеле.

– Се појаснува дека, согласно првичната процена на потребите на овие гранични точки, не е предвидено поставување автоматизирани станици за биометриска регистрација (Self Service Systems/Kiosks). За покривање на зголемените и вонредните потреби на копнените гранични премини, обезбедени се преносни технички решенија, односно преносливи станици за пасошка контрола (portable solutions), како и преносливи уреди за вршење пасошка контрола (таблети – handheld solutions), посочено е во одговорите на пратеничките прашања.

Во одговорите од заменик-министерот, никаде не е споменато дека државјани на одредени земји би можеле да бидат исклучени од имплементацијата на ЕЕС.

Европската регулатива дава можност при зголемен сообраќај, системот ЕЕС да функционира без земање биометриски податоци

Заменик-министерот за заштита на граѓаните на Грција во одговорите на пратеничките прашања во однос на ЕЕС системот се повикува на европската регулатива 2025/1534, која доколку се анализира, го објаснува детално конкретниот систем, начинот на употреба, задолжителните рокови, додека пак членот 7 се однесува токму на суспензијата и кога државите можат привремено и делумно да го прекинат користењето на ЕЕС.

Поконкретно, оттука произлегуваат и датумите 8 јули и 6 септември што ги споменува надлежниот министер, со оглед на тоа што е објаснето дека ако по истекот на преодниот период на имплементацијата (10 април 2026 година), доколу помалку од 80 отсто од записите во ЕЕС содржат биометриски податоци, на земјите им се дава дополнителен период од 90 дена со можност за делумна суспензија, период што автоматски се продолжува за уште 60 дена.

– Во период од 90 дена по завршувањето на постепеното започнување на работата на ЕЕС, државите-членки можат делумно да ја суспендираат работата на ЕЕС на одреден граничен премин за најмногу шест часа, во исклучителни околности што доведуваат до сообраќај со таков интензитет што времето на чекање на граничниот премин станува прекумерно. За време на таквата делумна суспензија, државите членки се ослободени од обврската утврдена во член 21 став 1 од Регулативата (ЕУ) 2017/2226 во однос на регистрацијата на биометриските податоци. Државите членки без одлагање, а најдоцна во рок од шест часа од почетокот на делумната суспензија, ја известуваат Европската комисија и eu-LISA за причината за суспензијата и за нејзиното очекувано или реално времетраење. Доколку помалку од 80 отсто од индивидуалните досиеја регистрирани во ЕЕС за време на периодот на постепено започнување на неговата работа содржат биометриски податоци, периодот од 90 дена наведен во став 3 автоматски се продолжува за дополнителни 60 дена, пишува во европската регулатива.

Реакции во Грција за ЕЕС системот

Ситуацијата на копнените гранични премини, особено на Евзони/ Богородица и Кипи кон Турција, во денови кога се забележуваат километарски колони, доста често се една од главните теми во медиумите од северна Грција, но реакции има и од хотелиерите особено од северниот дел на земјата, чии посетители најчесто се туристи од балканските земји.

Последната ваква официјална реакција е од Грчката федерација на хотелиери кои преку допис испратен на 2 јуни до министрите за заштита на граѓаните, за транспорт и инфраструктура, за туризам и до заменик-министерот за внатрешни работи надлежен за областите Македонија и Тракија велат дека „обезбедувањето на непречено и брзо пристигнување на туристи по копнен пат претставува прашање од витално значење за бизнисите кои функционираат во континенталниот дел на земјата, а особено во северна Грција, каде што патниот туризам претставува главен извор на влезна туристичка активност.“

Додаваат дека задолжителната примена на процедурите и биометриска регистрација на патниците веќе создава значителни застои и редици на влезните точки, но и „негативни впечатоци кај посетителите“ и директни негативни последици врз хотелите.

– Поради оваа причина, сметаме дека е неопходно да се преземат итни и координирани мерки, како што се: зајакнување на копнените гранични премини со соодветна и современа технолошка опрема; суштинско зајакнување на човечките ресурси на граничните станици; изработка и примена на ефективен план за управување со зголемениот проток во периодите на најголем обем на сообраќај; континуирано следење и прилагодување на процедурите за време на преодната фаза на имплементација на новата процедура, пишува во дописот од Федерацијата на хотелиерите на Грција.

Минатата седмица, министерот за заштита на граѓаните на Грција Михалис Хрисохоидис говорејќи за системот за биометриска регистрација на државјани на трети земји рече дека иако му е жал, сепак треба да ја имплементираат европската легислатива, бидејќи Европската комисија инсистира на целосна примена, нагласи дека за ЕЕС системот „добил поплаки од неговите колеги од Северна Македонија и Србија“ и објасни дека и прашањето со биометриската регистрација на границите има два аспекти, едниот е самиот процес, а другиот, застарената грчка инфраструктура.

Состанок, исто така минатата седмица, се одржа и во Солун, во Министерството за внатрешни работи надлежно за областите Македонија и Тракија, на кој биле разгледани мерки за олеснување на протокот на патници и возила на граничните премини, со дополнително зајакнување на информатичките системи за побрзо спроведување на контролите, како и можноста за изградба на привремени технички решенија.