Знаменитостите на Македонија
- Во потрагата по траги од тој период успеав да дојдам и до повеќе оригинални фотографии со особено документарно значење. На нив јасно се гледа првиот болнички објект, кој и денес постои и е во употребна состојба, но и фактот дека многу од подоцнежните павилјони и објекти тогаш сè уште не постоеле. Фотографиите откриваат и нешто друго – поширокиот простор околу болницата. Речиси празен пејзаж, тивка околина и отсуство на поголема урбанизација. Простор што во тоа време се сметал за идеален за изградба на психијатриски установи
Постојат институции што се создаваат со закон. А постојат и такви што прво започнуваат да живеат, па дури потоа државата формално ги препознава. Се чини дека приказната за Психијатриската болница во Демир Хисар ѝ припаѓа токму на втората група. Прашањето дали болницата е основана во 1952 или во 1956 година, гледано од денешен аспект, можеби и не е најкруцијалното прашање. Во годините по Втората светска војна, кога новата држава тивко, но амбициозно започнувала да создава институции и систем што дотогаш речиси и не постоел, формалните аспекти честопати доаѓале подоцна од реалниот живот. Така, и во претходниот дел се обидов да наметнам една поинаква перспектива: дека болницата, сосема веројатно, започнала да функционира уште во 1952 година, додека официјалното решение и формалното институционализирање следувале неколку години подоцна. Во првите години по Втората светска војна, Македонија сè уште ги лекувала сопствените рани. Недостигало речиси сè – лекари, медицински кадар, болнички капацитети и специјализирани установи. Психијатријата била една од најнеразвиените области во здравствениот систем, а душевно болните лица најчесто биле испраќани надвор од Македонија, во други југословенски центри. Во такви околности, меѓу административните планови, здравствените потреби и визиите на тогашните медицински авторитети, започнува да се создава новата Душевна болница во Демир Хисар. Сè повеќе се наметнува логичниот заклучок дека во својот најран период болницата можеби функционирала во некаква привремена форма, надвор од Демир Хисар, сè додека не биле изградени првите наменски објекти во градот.
Еден од најсилните аргументи за таквата одлука биле токму климатските услови
Според својата географска местоположба, Демир Капија се наоѓа во централниот дел на Македонија, покрај десниот брег на реката Вардар, во предел со изразено медитеранско климатско влијание. Каменитите предели на клисурата создаваат специфична и тешко поднослива клима, со високи температури во текот на речиси целата година.
Наспроти тоа, Демир Хисар претставува простор со многу „жива“ природа, природно пошумени планини, повисока надморска височина од околу 670 метри и непосредна близина до Баба Планина и врвот Пелистер, Бигла Планина, Плакенска Планина… Со еден збор – многу попријатна и поздрава клима, што во тоа време се сметало за особено важно во третманот на пациенти со душевни заболувања.
Во тогашната европска психијатрија силно било присутно верувањето дека природата, мирот и изолацијата имаат значајна улога во лекувањето на душевните болести. И можеби токму затоа болницата во Демир Хисар најпрво започнала да живее како идеја и потреба, а дури потоа како формално запишана институција.
Во потрагата по траги од тој период успеав да дојдам и до повеќе оригинални фотографии со особено документарно значење. На нив јасно се гледа првиот болнички објект, кој и денес постои и е во употребна состојба, но и фактот дека многу од подоцнежните павилјони и објекти тогаш сè уште не постоеле. Фотографиите откриваат и нешто друго – поширокиот простор околу болницата. Речиси празен пејзаж, тивка околина и отсуство на поголема урбанизација. Простор што во тоа време се сметал за идеален за изградба на психијатриски установи.
Но, зад секоја институција, особено во нејзините најтешки почетоци, секогаш стојат луѓе. И токму тука започнува приказната за две семејства што на необичен начин ги следат и самата преселба и создавање на болницата.
Најпрво, тоа е семејството на Миле Секуловски. Неговото име денес ретко се спомнува кога се зборува за историјата на Психијатриската болница во Демир Хисар, а токму преку неговата животна приказна може да се насети еден многу важен дел од нејзината рана историја.
Според усните сведоштва и семејните сеќавања, Миле Секуловски бил меѓу првите медицински лица што уште во најраната, привремена фаза работеле во тогашната Душевна болница, додека таа функционирала во рамките на тогашниот Завод за лица со најтешка ментална попреченост за возрасни и деца во Демир Капија.
Практично, тој бил не само сведок на создавањето на болницата туку и непосреден учесник во нејзиното делумно преселување и институционално оформување во Демир Хисар.
Како што ми раскажа неговиот син Раде, роден во Демир Хисар во 1958 година, неговите родители – Миле и Стефка – биле принудени да се преселат во Демир Хисар и тука да го продолжат својот работен и животен пат, бидејќи во спротивно би останале без работа. Токму поради потребите на новата болница, семејството Секуловски го напушта Неготино и се преселува во Демир Хисар. Тоа не било мало животно поместување, особено во годините по Втората светска војна, кога секоја преселба значела неизвесност, нова средина и создавање живот од почеток.
Во тие први години семејството живеело во објект што и денес постои во колективната меморија на демирхисарци – супстандарден приземен колективен станбен објект, погрдно нарекуван „Трло“. Тој бил изграден за потребите на новодојдените службеници и дел од болничкиот персонал, типично за тогашниот социјалистички концепт на создавање институционални заедници околу големите државни установи. Подоцна семејството успеало да купи и сопствена куќа во Демир Хисар, каде што го поминале најголемиот дел од својот животен и работен век.
(продолжува)
Автор: Благоја Шундовски



































