Издавачката куќа „Антолог“ го распишува конкурсот за наградата за превод „Драги“. Годинава приоритетен вид е поезијата и опфаќа поетски преводни дела (поезија за возрасни и деца, драми во стих итн.) објавени во периодот од 1 јули 2024 до 30 јуни 2026 година (конкурсен опфат од две години). Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ е воспоставена за да се направи вреднување на преведувачката дејност во Македонија, како и да се истакнат вредноста и важноста на преведувањето за нашиот културен простор. Објавените книги мора да бидат преведени од оригинален јазик, а може да се конкурира со дела преведени и од „живи“ и од класични јазици (арапски, старогрчки, санскрит и латински јазик). Право на номинација за наградата имаат издавачки куќи, здруженија на граѓани и преведувачи. Секоја издавачка куќа или здружение на граѓани има право да номинира најмногу десет книги, а секој преведувач има право да номинира најмногу три книги.
Конкурсот е отворен до 1 јули 2026 година.
Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирано од страна на издавачката куќа „Антолог“, со поддршка на Министерството за култура и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Наградата во 2025 година ја доби Лидија Танушевска за преводот од полски јазик на романот „Емпусион“ од Олга Токарчук.
































