Брисел значително ја заострува миграциската политика
- Според привремениот договор, одлуката за враќање издадена на државјанин од трета земја што нерегуларно престојува во земја членка на ЕУ, од страна на надлежните национални органи, ќе вклучува обврска тој да ја напушти засегнатата земја на ЕУ веднаш или во одреден рок. Одлуките за враќање би биле вклучени во европска наредба за враќање и би биле достапни преку шенгенскиот информациски систем, низ целата шенгенска зона. Земја членка може да признае и спроведе одлука за враќање издадена од друга земја членка врз основа на одлуката за враќање на ЕУ или да издаде нова одлука. Комисијата ќе процени во рок од две години дали системот работи ефикасно и може да предложи нови правила, вклучувајќи и задолжително признавање на одлуките за враќање низ целата ЕУ
Европските пратеници и европските држави постигнаа договор за заострување на миграциската политика на Европската Унија. Законот вклучува низа мерки за забрзување на депортациите и им овозможува на државите што сакаат да го сторат тоа да создадат центри надвор од Европа за враќање одбиени баратели на азил. Компромисот, кој беше постигнат завчера, ќе треба да се изгласа уште еднаш од страна на Европскиот парламент (ЕП) и земјите членки во наредните недели.
Изменетите правила, врз основа на предлогот на Комисијата претставен во март 2025 година, имаат цел да ги поедностават и забрзаат процедурите, целосно почитувајќи ги основните права и меѓународното право и спречувајќи злоупотреба и неовластено движење на лицата без дозволи за престој во рамките на ЕУ.
Известувачот во ЕП, Малик Азмани (Обнова Холандија), по усвојувањето на договорот не го криеше задоволството.
– По речиси две децении, правилата на ЕУ за враќање требаше да се реформираат. Нашата цел беше јасна: ефикасен, фер и одржлив систем за враќање, кој ќе обезбеди правно издржан текст. Ги сфативме сериозно нашите одговорности и интензивно работевме на компромис. Имавме одлична соработка со Комисијата и Советот. Последното отворено прашање беше стапувањето во сила на правилата. За Парламентот, брзото стапување во сила беше од суштинско значење и се боревме напорно за да го постигнеме ова. Најважно е Европа да воспостави систем што е и кредибилен и практично изводлив – рече Азмани за договорот, кој беше изнуден од страна на десницата и крајната десница.
Какви мерки потпаѓаат под постигнатиот договор?
Според привремениот договор, одлуката за враќање издадена на државјанин од трета земја што нерегуларно престојува во земја членка на ЕУ, од страна на надлежните национални органи, ќе вклучува обврска тој да ја напушти засегнатата земја на ЕУ веднаш или во одреден рок.
Државјаните од трети земји што се предмет на одлука за враќање ќе бидат обврзани да соработуваат со властите. За целите на подготовка за нивното враќање, државјаните од трети земји може да бидат притворени врз основа на индивидуална процена, на пример, ако не соработуваат, претставуваат ризик од бегство или претставуваат безбедносен ризик. Притворот мора да биде нареден од административен или судски орган. Периодот на притвор може да биде до 24 месеци во земја членка, со можно продолжување од шест месеци доколку околностите се променат, се појават нови информации или се подобри соработката со трета земја. Доколку државјанин на трета земја патува во друга земја членка и постојат основи за негово продолжување на притворот, може да се примени дополнителен период на притвор. Земјите членки исто така може да бараат редовно пријавување или обврска за престој на одредена локација. Алтернативи на притворот, како што се финансиски гаранции или електронско следење, исто така се можни. Притвор може да се наложи и за малолетници без придружба и семејства со деца, како последно средство и за најкраток можен период, земајќи ги предвид најдобрите интереси на детето.
Договор со земји што не се членки на ЕУ за прифаќање повратници
Новите правила исто така ќе овозможат трансфери, со исклучок на малолетници без придружба, во земја што се согласува да го прими лицето, врз основа на билатерален договор склучен од земја членка на ЕУ („платформи за враќање“), како тој на Италија во Албанија. Ваквите договори може да се склучат само со трети земји што ги почитуваат човековите права, меѓународното право и принципот на невраќање, а земјите членки мора да ги информираат Комисијата и другите земји членки пред тие да стапат во сила.
Одлуките за враќање би биле вклучени во европска наредба за враќање и би биле достапни преку шенгенскиот информациски систем низ целата шенгенска зона. Земја членка може да признае и спроведе одлука за враќање издадена од друга земја членка врз основа на одлуката за враќање на ЕУ или да издаде нова одлука. Комисијата ќе процени во рок од две години дали системот работи ефикасно и може да предложи нови правила, вклучувајќи и задолжително признавање на одлуките за враќање низ целата ЕУ.
Регулативата ќе стапи во сила по нејзиното објавување. Неколку одредби, особено оние што се однесуваат на платформите за враќање, процената на возраста на малолетниците и надворешната димензија на враќањето, ќе се применуваат веднаш. Други одредби што бараат подготвителни постапки ќе стапат во сила 12 месеци по нејзиното стапување во сила.
Претходно договорот мора формално да биде усвоен од Европскиот парламент и Европскиот совет пред да може да стапи во сила.
Руанда, Уганда и Узбекистан се разгледуваат како можни локации за центрите за мигранти
Некои европски земји, како што се Данска, Австрија и Германија, веќе почнуваат да размислуваат каде да ги лоцираат овие центри, на пример, во Руанда, Уганда или Узбекистан. Идејата за создавање на овие „центри за враќање“, без никаква врска со земјата на потекло на мигрантите, не е нова. Таа беше тестирана од Италија под водство на Џорџа Мелони во Албанија, дури и пред да бидат разгледани нивните барања за азил, спротивно на она што го предвидува новиот европски закон.
Но центарот во Албанија остана празен долго време поради низа правни предизвици. И ќе биде потребно време државите да развијат вакви проекти во договор со третите земји што би ги примиле. Франција изрази скептицизам во врска со ваквите центри, а Шпанија се спротивстави на нив, сметајќи ги за закана за почитувањето на човековите права.
Овие центри ќе бидат „аранжмани за секоја земја поединечно. Не е сосема јасно како ќе функционира ова“, предупредува дипломатски извор, кој верува дека суштината на законот лежи во „флексибилностите“ воспоставени за забрзување на депортациите. Текстот што беше одобрен во понеделникот предвидува построги санкции за мигрантите што одбиваат да ја напуштат територијата на ЕУ, како што се конфискација на лични документи или продолжени периоди на притвор до 24 месеци.
Враќањето на мигрантите против нивна волја би било придружено и со забрана за влез во ЕУ продолжена на 10 години (во споредба со сегашните пет години) или дури и 20 години. Во моментов всушност се извршуваат само околу 20 отсто од наредбите за депортација, статистика што е силно критикувана од оние што се залагаат за поостра имиграциска политика.
Но, со новите правила, ЕУ ќе има „подобра контрола за да се осигури дека се извршуваат враќањата“.
– Ова е она што граѓаните го очекуваат – и ова е она што им го нудиме – изјави европскиот комесар за миграција Магнус Брунер.
За време на вечерните преговори во Брисел, главната точка на сопнување се однесуваше на датумот на спроведување на различните мерки.
Отпор од левицата и невладините организации
Левицата и невладините организации се кренаа на нозе. Земјите членки ќе имаат можност директно да основаат центри за враќање, но другите мерки ќе стапат во сила само една година по објавувањето на законот, првенствено од правни причини. Во секој случај, текстот означува значително зацврстување на миграциската политика на Европската Унија, само две години по усвојувањето на пактот за азил и миграција, кој неодамна стапи во сила.
Овој пакт предвидува засилен граничен скрининг и механизам за солидарност меѓу земјите членки во врска со приемот на мигранти. Новиот одобрен текст го дополнува и го одразува подемот на десницата и крајната десница во Европскиот парламент. Десничарскиот европратеник Французинот Франсоа-Ксавиер Белами, кој водеше кампања за построги правила, верува дека текстот „ќе ја револуционизира европската политика за нелегалната имиграција“.
Левицата и невладините организации, од друга страна, жестоко се спротивставуваат на овие мерки, кои ги сметаат за спротивни на меѓународното право. Овој текст е „плод на срамен договор склучен меѓу земјите членки и десничарско и крајно десничарско мнозинство“, обвинува европратеничката од зелените Мелиса Камара, која го смета за „историски неуспех за основните права на протераните луѓе“.
Неодамна и министрите за надворешни работи на Советот на Европа, во усвоената декларација побараа од Европскиот суд за човекови права да „им прогледува“ низ прсти на земјите членки кога одлучува по барање на мигрантите кога сметаат дека нивните основни човекови права не се почитувани во земјите членки во врска со правото на престој.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од „Франција“
































