- Тој славеше на Џиро д` Италија во неделата, а претходно ги освои Тур де Франс и Вуелта
Данецот Јонас Вингегор (29) ја придодаде својата победа на велосипедската грантур-трка Џиро д`Италија на ланската Вуелта (Шпанија) и на Тур де Франс (Франција) во 2022 и 2023 година. Вкупната разлика на Вингегор во победата беше огромна (пет минути и 33 секунди) пред Австриецот Феликс Гал, а Австралиецот Џаи Хиндли беше трет, со дополнителни 63 секунди заостанување.
– Победата на сите три трки е многу посебна за мене, тешко е да се најдат зборови за да се опише тоа – рече Вингегор, пренесе „Би-би-си“.
Вингегор е осмиот велосипедист што победил на сите три грантур-трки, италијанската Џиро д`Италија, францускиот Тур де Франс и шпанската Вуелта. Пред него тоа го сторија Жак Анкетил од Франција, Феличе Гимонди од Италија, Еди Меркс од Белгија, Бернар Ино од Франција, Алберто Контадор од Шпанија, Винченцо Нибали од Италија и Крис Фрум од Велика Британија. Прв на оваа листа се запиша Акентил (во 1963 година), вкупно најмногу трофеи има Меркс (11), а Ино и Контадор се единствените што победиле на секоја трка најмалку двапати.
Тринеделната трка (21 етапа и победничко време од 83 часа, 22 минути и 51 секунда) заврши со претежно лежерна етапа, која на крајот се претвори во масовен спринт во близината на Колосеумот во Рим, освоена од Италијанецот Џонатан Милан пред сонародникот Џовани Лонарди и Французинот Пол Пенхоет. Вингегор беше голем фаворит за триумф на оваа италијанска трка (победи на пет поединечни етапи), со оглед на неговиот статус како втор најдобар друмски велосипедист во светот, зад сега легендарниот четирикратен победник на Тур де Франс, Словенецот Тадеј Погачар. Трката беше освоена на планинските етапи во италијанските Алпи и Доломити, а силните страни на Вингегор му дозволуваа методично да напаѓа на клучните етапи кога остануваа уште 10 км и да постигне темпо што никој не може да го следи. Вингегор и Погачар ќе се тркаат на Тур де Франс, кој почнува на 4 јули. Г.И.
ПОБЕДНИЦИ НА СИТЕ ТРИ ГРАНТУР-ТРКИ
ВЕЛОСИПЕДИСТ ИТАЛИЈА ФРАНЦИЈА ШПАНИЈА
Жак Анкетил 2 5 1
Феличе Гимонди 3 1 1
Еди Меркс 5 5 1
Бернар Ино 3 5 2
Алберто Контадор 2 2 3
Винченцо Нибали 2 1 1
Крис Фрум 1 4 2
Јонас Вингегор 1 2 1




































