Полициската управа на Бања Лука му упати на Окружното јавно обвинителство кривични пријави против Давор Драгичевиќ и уште три лица поради сомневање дека извршиле кривично дело загрозување на безбедноста. Драгичевиќ е под сомнение дека на 27 и 30 декември, во текот на протестите „Правда за Давид“ во Бања Лука, јавно упатил сериозни закани против две лица, кај кои предизвикал чувство на страв и загрозеност. Полицијата сѐ уште е во потрага по Давор Драгичевиќ, татко на убиеното момче Давид. Тој последен пат бил виден на 30 декември, во близината на една џамија. Полицијата ги забрани протестите на групата „Правда за Давид“.
– Лицето Д.Д. се сомничи дека извршило казнено дело загрозување на безбедноста, затоа што на 27 и 30 декември 2018 година, на две локации на подрачјето на Бања Лука, при јавен говор, упати сериозни закани кон две лица, кај кои е предизвикано чувство на страв и небезбедност – соопштија од полицијата.
Според пишувањата на некои медиуми во Република Српска, Давор Драгичевиќ, кој последен пат е виден на протестите на 30 декември, наводно преговара за своето предавање на полицијата. Радио-телевизијата на РС објави дека единствен услов на Драгичевиќ е да не му биде одреден притвор. Од друга страна, неговата поранешна сопруга Сузана Радовановиќ најави дека со адвокатите ќе поднесе тужба против градот Бања Лука.
– Тужбата ќе биде против МВР на РС затоа што на 25 декември без налог дојдоа во мојата куќа. Три часа не ми дозволија да им пријдам на децата. Тие претрпеа шок – изјави таа за медиумите во РС.
Во Бања Лука во изминатите месеци се одржуваат протести поради убиството на Давид Драгичевиќ, кое се случило во неразјаснети околности. Неговите родители сметаат дека полицијата ги затскрива убијците и бараат целосно расветлување на случајот.