Во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

„Девојките на Марко“ според „Боинг Боинг“ од Марк Камолети, во режија на Синиша Ефтимов, во превод, адаптација и режија на Синиша Ефтимов, е новата премиера на театарот „Војдан Чернодрински“ што премиерно беше изведена на големата сцена од ЦК „Марко Цепенков“. Претставата е дел од годишната програма на театарот „Војдан Чернодрински“ за 2026 година, поддржана од Министерството за култура и туризам.
„Девојките на Марко“ е еден од текстовите што многу години успешно живее на сцените низ светот. Влезен е во Гинисовата книга на рекорди, како најмногу поставуван француски текст, воопшто.
– Ова е претстава за ведрата страна на животот, за оние мали искри во секој од нас што ја стартуваат радоста на животот („joie de vivre“). За пријателството и неговото значење во моментите што го одредуваат патот кон остатокот од животот. Претстава што со сигурност ќе донесе свежина на репертоарот на театарот „Војдан Чернодрински“. Совршен проект за добра забава и сериозна игра на фантастичниот ансамбл и добра причина за прилепчани да ја полнат салата – вели режисерот Синиша Ефтимов.
Според него, во „Девојките на Марко“ има асимилација на ликовите и топонимите, а дејствието се пренесува во современ и модерен Прилеп од иднината или, подобро кажано, Прилеп од паралелен универзум.
– Заплетот е многу едноставен и е проектиран околу животот на еден релативно успешен млад човек, Марко, и неговите проблеми со три девојки, со кои, тој се забавува во прецизно определени временски периоди, внимателно испланирани, со цел тие никогаш да не се сретнат. Сите три се стјуардеси, сите со свои планови на летање што не се поклопуваат, се разбира до кобниот ден, кога токму тоа ќе се случи. Во целата збрка се вклучува и најдобриот пријател на Марко, Ѓорги, кој се обидува да му помогне во емоционалното жонглирање. Несуден диригент на оваа лакрдија е куќната помошничка на Марко, Џева, која е постојано на сцената и со многу импровизации се обидува да ги оправда нештата што се случуваат околу неа – додава Ефтимов.
Сценографка и костимографка е Илина Ангеловска, изборот на музиката е на режисерот. Во претставата играат Наташа Ачански, Јасмина Мицовска Станкоска, Марија Спиркоска Илијеска, Лора Штарго, Димитар Ѓоргиевски и Илија Волчески. Ka.M.