Фото: Маја Јаневска - Илиева

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Нови Сад порача дека народот кој ги чува своите корени, јазик и култура никогаш не се губи и секогаш има иднина.

Обраќајќи се на свечената академија „80 години од доселувањето на Македонците во Војводина“, Мицкоски истакна дека зачувувањето на националниот идентитет бара посветеност, љубов и континуирана грижа од генерација на генерација.

-Идентитетот не се чува сам од себе. Јазикот не преживува сам по себе, а традицијата не се пренесува без труд и свесна посветеност. За да се зачува едно име низ осум децении потребни се луѓе кои одбиваат да заборават, родители кои го пренесуваат мајчиниот јазик, како и учители, културни работници и сите што ја негуваат колективната меморија – рече премиерот.

Тој нагласи дека македонската заедница во Војводина е пример како може да се изгради нов живот далеку од родниот крај, а притоа да се зачуваат сопствениот јазик, култура и традиција.

Според Мицкоски, токму таа способност да се биде свој, а истовремено отворен кон другите, претставува важна вредност и порака не само за Балканот, туку и за Европа.

Осврнувајќи се на односите меѓу Македонија и Србија, тој истакна дека двете земји не ги поврзуваат само политичките односи, туку и луѓето, културните врски, заедничките вредности и историското искуство.

-Балканот не напредува кога народите се оттурнуваат едни од други, туку кога градат доверба, заемна почит и искрено партнерство – нагласи Мицкоски.

Тој порача дека во време на глобални предизвици и геополитички тензии, народите во регионот имаат обврска да градат мостови наместо ѕидови и да ја негуваат блискоста создадена низ генерации.

Посебна порака упати до младите Македонци кои живеат во Србија, повикувајќи ги да бидат успешни и современи, но никогаш да не ги заборават своите корени.

-Не дозволувајте модерноста да ви ја одземе меморијата и брзината на времето да ви го избрише чувството на припадност. Освојувајте универзитети, компании и институции, но не заборавајте кој јазик ве научил на првиот збор и кои приказни ви ги раскажувале вашите предци – рече тој.

Во рамки на посетата на Нови Сад, покрај Мицкоски, во македонската делегација беа и вицепремиерот Иван Стоиљковиќ, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и министерот за култура Зоран Љутков.

На свечената академија се обратија и премиерот на Србија Ѓуро Мацут, претседателката на Владата на Војводина Маја Гојковиќ и претседателката на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија Зорица Митровиќ.