Балкански писатели за деца во „Колибри“: Бајрузин Хајро Плањац од Босна и Херцеговина
Ах, колку тајни криеше! Колку пати сакав да ѕирнам во неговата внатрешност. Колку пати сакав да го ограбам.
Кога ќе дојдеа гости или некоја драга личност за неа, мајка ми го отклучуваше креденецот со клуч што секогаш го носеше закачен на ременот околу половината и вадеше разни слатки работи од него.
Потоа, многу внимателно, го заклучуваше повторно, уште еднаш проверуваше дали е сѐ во ред и го ставаше „златниот“ клуч, како што сестра ми и јас го нарекувавме, повторно на ременот.
Секогаш кога гостите си заминуваа, мајка ми повторно и повторно ги заклучуваше слатките во бифето.
А јас, како по правило, проверував дали случајно бравата не е заклучена. Никогаш немав среќа.
Еден ден, додека мајка ми беше кај тетка Фајза, лежев на каучот и почнав да смислувам план како да го ограбам креденецот.
Долго го гледав и, конечно, се сетив како да ги извадам сите тие слатки колачиња од урми, наполитанки… од таинственото бифе без мајка ми да забележи.
По неколку дена, кога бев сам дома, го тргнав креднецот од ѕидот. Задната страна беше направена од тенка иверица што можеше многу лесно да се одвои.
Со еден голем нож и со чекан ја почнав операцијата на отворање. Иверицата удирана со чекан набрзо падна. Можев лесно да земам сè што беше во креденецот. За да не се посомнева мајка ми веднаш, зедов по малку од сè: една шака ореви, една гурабија, неколку коцки шеќер, како и локум, портокал и само една наполитанка.
Ја заковав иверицата на задната страна, а потоа го вратив креденецот на старото место, до ѕидот.
Со пленот, кој со задоволство го изедов, се упатив кон реката каде што го поминав попладнето со моите пријатели.
Се вратив дома навечер. Мајката не го откри мојот грабеж. Бев задоволен и се радував што наскоро повторно ќе бидам сам дома.
Кражбата на креденецот се повторуваше многу често.
Со првото навестување на квечерината, еден пајтон застана пред нашата куќа и четири силуети се упатија кон нашиот двор. Тоа беа тетка Шахза и чичко Салих од Плање и две непознати жени со нив.
Веднаш по нивното пристигнување, мајка ми ги почести со шербет и кафе, а потоа го извади „златниот“ клуч од ременот и зачекори кон креденецот. Јас само ја гледав.
Таа ја зеде единствената кутија со бисквити, во која претходно ја ставив мојата „Весела тетратка“ и седна на каучот до гостите, за да ја отвори и да ги почести со нешто слатко, додека не биде готова вечерата.
Не можев повеќе да останам во куќата. Излегов во топлата ноќ, облеана со светлината на месечината. Го замислив загриженото лице на мајка ми, врамено во бела мирислива шамија, над отворена кутија со бисквити во која, наместо слатки трошки, имаше стуткани страници од мојата стара „Весела тетратка“.
Ги видов нејзината згазена гордост и достоинство на чесна домаќинка пред нашите гости.
Тогаш станав свесен што ѝ направив на мајка ми, што направив во нашиот дом, пред сите.
Само таа знаеше кој би можел да го стори тоа.
Оттогаш, никогаш повеќе не го допрев креденецот.
Автор: Бајрузин Хајро Плањац
превод: Марија Таушанска
ШТО ЌЕ БИДАМ КОГА ЌЕ ПОРАСНАМ
Кога бев сосем, сосем мал,
не можев, а да не видам,
сите роднини веќе знаеја,
во животот што ќе бидам.
Вујните, тетките, стрините
комшиите од два-три стана
ко машини зборуваат сите,
што би можел да станам.
Тато рече „учител“,
а стрико рече „лекар“
дедо кликна „види мускул“
вели „ќе биде пекар“.
Сестра ми сака да сум Чолиќ,
манекен сака да сум стрина,
а за мене баба вели
„му прилега виолина“.
„Тенисер нека биде“
брат ми така вели,
и моите незаработени пари
веќе со тато ги дели.
Oд балконот гласно,
довикна баба Веца,
доктор нека биде,
нека лечи деца.
Мојот тетин сака
морепловец да станам,
а тетка ми – адвокат
правдата да ја бранам,
Јас само се смешкам,
додека памет ми делат,
„добар човек ќе бидам“
така на сите им велам.
Автор: Бајрузин Хајро Плањац
препев: Филип Димкоски
ГОЛЕМО МЕЃУНАРОДНО ПРИЗНАНИЕ ОД ИНДИЈА
Најпреведуваниот босанско-херцеговски писател за деца и млади Бајрузин Хајро Плањац, чии книги се објавуваат и дистрибуираат во околу шеесет земји на планетата, го доби Златниот Дикенсов медал за литература од Здружението на индиски издавачи за неговиот роман „Дружината на Брацика“, кон крајот на април оваа година.
Плањац ѝ е познат на читателската јавност во Македонија по книгите „Златна диплома“ и „Тајните на дедовата воденица“, преведени од поетот Наум Попески и објавени од издавачката куќа „БАТА прес“ од Скопје, предводена од Ненад Баткоски. За овие книги пишуваа академик проф. д-р Ферид Мухиќ од Филозофскиот факултет во Скопје, проф. д-р Ана Витанова Рингачева од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, вели дека Бајрузин Хајро Плањац ги владее модерните техники на создавање проза за деца и млади и е автор што пишува за теми што никогаш не ја губат својата актуелност.
Во Русија, на Плањац му беше доделена Благодарница за романот „Хабетова колиба“ од страна на Здружението на професионални писатели на оваа земја, во Србија ја доби наградата „Лукијан Мушицки“, а Националната и универзитетска библиотека на Босна и Херцеговина го номинираше за „Астрид Линдгрен“ – најголемата светска награда за детска литература. Плањац е добитник и на наградата „Гоцева мисла“ од „Македонија презент“, чиј прв човек е проф. д-р Христо Петрески. Тој е претставен и во македонскиот учебник „Јазикот на Бошњаците 6“ (Језик бошњака 6.) и има армија млади читатели, кои ќе бидат среќни поради оваа вест.
Се надеваме дека „Дружината на Брацика“ наскоро ќе им биде достапна на нашите читатели, како и други романи на Плањац.

застапување автори, по добивањето на Златниот Дикенсов медал

































