Фото: Принтскрин/Гугал мапс

Рамковниот договор меѓу САД и Иран предвидува рок од 60 дена за постигнување конечен договор според кој Техеран не би поседувал нуклеарно оружје и би се откажал од резервите на збогатен ураниум, објави „Си-ен-ен“, повикувајќи се на висок американски претставник.

Според неименуван претставник од администрацијата на Доналд Трамп, рамковниот договор предвидува во рок од два месеца да се утврдат конечните точки на спогодбата.

Изворот навел дека можниот договор предвидува Иран да не поседува нуклеарно оружје и да се откаже од резервите на збогатен ураниум, додека начинот на кој тие резерви ќе бидат преземени ќе биде предмет на следната фаза од преговорите.

Договорот, според истиот извор, предвидува и повторно отворање на Ормуска Теснина, која би била „деминирана“ и безбедна за пловидба, без дополнителни детали за идниот модел на функционирање на теснината.

-Ако Иран не ги исполни своите обврски, нема да добие ништо. Ако нема ураниум, нема да има ни пари – изјавил американскиот претставник, додавајќи дека американската блокада постепено би се ублажувала со отворањето на теснината.

Претходно, „Ал Џезира“ објави дека Вашингтон се премислува околу две клучни прашања во преговорите – механизмот за одмрзнување на иранските средства и обемот на прекинот на огнот во Либан.

Според истиот извор, Техеран им порачал на посредниците дека нема да потпише таков договор, сметајќи дека Вашингтон се повлекува од претходно договорените позиции.

Трамп претходно изјави дека САД се стремат кон „добар и соодветен договор“ со Иран и оцени дека разговорите за нуклеарната програма се водат „уредно и конструктивно“.

Во меѓувреме, „Ен-би-си њус“, исто така повикувајќи се на висок претставник од администрацијата на Трамп, објави дека конечен договор меѓу САД и Иран нема да биде постигнат денеска.