Во Прилеп денеска беше одбележан 20 Мај – Денот на пожарникарите, со презентација на опрема и возила на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“, каде учениците од основните училишта имаа можност поблиску да се запознаат со противпожарната дејност.
Градоначалникот Дејан Проданоски, честитајќи го празникот, истакна дека целта на настанот е младите да се едуцираат за противпожарникарството и да се поттикне доброволното ангажирање во оваа област.

– Правиме напори да обезбедиме нова противпожарна опрема преку донации и да вработиме нови пожарникари. Според стандардите, на 1.500 жители е потребен еден пожарникар, а ние тие услови не ги исполнуваме, иако покриваме голема територија. Испративме барање за нови ангажмани и апелираме пред летната сезона граѓаните да бидат внимателни и да не предизвикуваат пожари – рече Проданоски, додавајќи дека за следната година се планираат повеќе средства за набавка на опрема.
Заменик-командирот на ТППЕ Прилеп Виктор Стојчески, посочи дека бројот на пожари засега е во рамки на претходните години, но изрази надеж дека летово ќе има помалку пожари и штети.
– Во овој период вршиме тековно одржување на возилата за да бидат подготвени за интервенции. Покриваме голема површина, што претставува дополнителен предизвик. Во моментов имаме 34 вработени и 10 привремено ангажирани пожарникари. Очекуваме нови вработувања, како и нова опрема и возила – рече Стојчески.

































