Денеска во Автокоманда, се одржа показна вежба на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје организирана по повод Денот на пожарникарите и 190 години организирано противпожарно дејствување во Скопје.
На вежбата присуствуваше градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој истакна дека негова силна заложба е модернизација на Противпожарната бригада на Град Скопје и континуирано подобрување на условите за работа на пожарникарите.
Тој нагласи дека веќе е готов спортскиот комплекс во рамки на дворот на Противпожарната бригада во Скопје, затоа што физичката подготвеност, здравјето и кондицијата се дел од секојдневна борбена готовност на пожарникарите.
– Но, тука нема да застанеме. Ќе работиме на подобра опрема, подобри услови, поголема подготвеност и систем кој ќе може побрзо, посилно и поефикасно да одговори на секој предизвик. Градот што бара храброст од своите пожарникари, има обврска да им обезбеди достоинствени услови – порача Ѓорѓиевски.
На вежбата присуствуваше и министерот за внатрашни работи Панче Тошковски, кој упати честитки до пожарникарите и им се заблагодари за нивната пожртвувана работа.
– Упатувам искрени честитки и огромна благодарност до сите пожарникари кои секојдневно, тивко и пожртвувано, се борат за спасување човечки животи, домови и имот. Тоа е професија која бара храброст, дисциплина, пожртвуваност и подготвеност во секој момент да се стави туѓиот живот пред сопствениот – изјави Тошковски.
Тој нагласи дека пожарникарите и полициските службеници имаат многу заедничко.
– И едните и другите се постојано будни, секогаш подготвени да реагираат кога граѓаните имаат најголема потреба од помош. Тоа се луѓе кои не прашуваат кога е тешко, туку веднаш застануваат во заштита на безбедноста, сигурноста и животот на граѓаните – додаде министерот.