ФУДБАЛ
- Вечерва во финалето на Лига Европа играат Фрајбург и Астон вила, а во следниот период се и дуелите Барселона – Лион во ЛШ за фудбалерки, Кристал палас – Рајо Валјекано во Конференциската лига за мажи и Пари Сен Жермен – Арсенал во ЛШ за фудбалери
Со денешниот натпревар помеѓу Фрајбург (Германија) и Астон вила (Англија) за трофејот во Лига Европа за фудбалери почнува 10-дневната низа од четири финални мечеви во европските купови. По оваа средба денеска (21 часот) во Истанбул (Турција), неделава е и финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) за фудбалерки, в сабота, во Осло (Норвешка), помеѓу Барселона (Шпанија) и Лион (Франција).
Идната недела, пак, на програмата се уште две финалиња, и тоа во Конференциската лига за мажи, на 27 мај во Лајпциг (Германија), помеѓу Кристал палас (Англија) и Рајо Валјекано (Шпанија), како и за европската титула за мажи, на 30 мај, во Будимпешта (Унгарија), помеѓу Пари Сен Жермен (Франција) и Арсенал (Англија). Претходно овој месец се одиграа финалните натпревари од првата сезона на Европскиот куп за фудбалерки, во кои се сретнаа шведски клубови, а по две средби славеше Хакен со вкупен резултат 4-2 по дуелите со Хамарби (1-0 на гости, 3-2 дома).
Фрајбург е во своето прво финале на куповите на Европската фудбалска унија (УЕФА), а се подготвува да се сретне со европскиот првак од 1982 година, Астон вила, во решавачкиот натпревар од Лига Европа сезонава.
Победникот на Лига Европа обезбедува пласман во ЛШ за идната сезона. Астон вила го оствари тоа и преку Премиер-лигата, со пласман најмалку на 5. место. Фрајбург, пак, за идната сезона осигури настап во квалификациите за Конференциската лига, со освоеното 7. место во Бундеслигата.
Ако во Лига Европа слави Астон вила, а го освои и петтото место во Англија, тогаш и шестопласираната екипа во Премиер-лигата ќе игра во Лигата на шампионите.
Ако, пак, Фрајбург го освои трофејот, тој клуб ќе биде петти учесник од Германија во Лигата на шампионите, а Германија нема да има претставник во Конференциската лига, пишува Бундеслигата.
Фрајбург постави нов клупски рекорд кога стигна до осминафиналето на Лига Европа во 2023 година и го повтори тоа во 2024-та, а екипата на тренерот Јулијан Шустер сега постави сосема нов стандард со пласманот во своето прво големо континентално финале. Фрајбург уште не освоил голем домашен трофеј, најблиску до тоа беше со пласманот во финалето на Купот на Германија во 2022 година, пишува УЕФА. Астон вила, пак, освои домашни титули и купови во Англија и беше европски шампион во 1982 година, кога екипата на Тони Бартон го победи Баерн со 1-0 во финалето во Ротердам.
Шустер го помина поголемиот дел од својата кариера како фудбалер од средниот ред за Фрајбург и остана во клубот како помошник-тренер, правејќи го своето деби како тренер на европски меч во октомври 2022 година кога Кристијан Штрајх беше принуден да пропушти еден натпревар поради ковид, пишува УЕФА. Откако го презеде кормилото во март 2024 година, тој го водеше клубот до еден од неговите најдобри пласмани во Бундеслигата (петти во минатата сезона), а сега и до нивното прво европско финале. Унаи Емери е на чело на Астон вила од октомври 2022 година, а неговата биографија е доста поимпресивна откако ја освои Лига Европа четири пати (со Севилја во 2014, 2015 и во 2016 и со Вилјареал во 2021 година) и го водеше Пари сен Жермен до титулата во Лига 1 во сезоната 2017/2018, пишува УЕФА. Н.М.
































