РАКОМЕТ – МАКЕДОНИЈА 10. ПАТ ЌЕ НАСТАПИ НА СП
- Не беше воопшто лесно да се промени една генерација, за да не доживееме некој неуспех, а со тоа и да не учествуваме на големо натпреварување, изјави селекторот Лазаров
Машката ракометна репрезентација на Македонија 10-ти пат ќе настапи на светско првенство (СП), а осми во низа, откако и во реваншот во Скопје во бараж-двомечот за пласман на СП 2027 во Германија забележаа убедлива победа со 38-23 против Словачка. И на првиот меч на гости во Прешов, избраниците на селекторот Кирил Лазаров славеа, со 31-24, или вкупно 69-47, најубедлива бараж-победа во македонската ракометна историја, надминувајќи ја онаа против Грција во 2014 година, која изнесуваше вкупно 14 гола разлика.
– Многу сум задоволен и среќен. Не беше воопшто лесно да се промени една генерација, за да не доживееме некој неуспех, а со тоа и да не учествуваме на големо натпреварување. Ова е еден долг процес каде што треба да бидеме трпеливи. Тоа го направивме речиси 99 отсто и створивме една нова генерација како репрезентација, а истото и во нашите клубови и мислам дека сме на добар пат. Во изминатите четири-пет години работевме многу повеќе и еве со овие нови момци, кои треба во идните петнаесетина години да ја претставуваат Македонија, веќе сме присутни на шест првенства во низа. Тука, секако, заслужни се и клубовите, посебно оние што инвестираат во македонски играчи и им даваат шанса да играат и затоа треба да ги почитуваме. Ние шести пат со нова генерација ракометари ќе бидеме на едно големо натпреварување и тоа ме прави горд. Овој нов производ на играчи допрва ќе ја прави Македонија горда. Што се однесува до настапот на СП во Германија, во изминатите две-три години повеќе пати покажавме дека можеме да се носиме со поквалитетни репрезентации, победувавме, ремизиравме. Полека, но сигурно одредени играчи добиваат на рутина и напредуваат, но треба да промениме одредени навики, кои сме ги создале со нашиот менталитет години наназад, а да ги следиме новите трендови во ракометот. Можам да ветам дека на претстојното СП нема да се предадеме против никого – изјави селекторот Лазаров.
Во полната сала на СЦ „Борис Трајковски“, црвено-жолтите ништо не оставија на случајноста, поведоа многу брзо, а гол-разликата само се зголемуваше, играјќи полетно во нападот, а цврсто во одбраната, што предизвика одушевување кај присутната публика. Капитенот Филип Кузмановски беше најефикасен со 11 погодоци, Мартин Велковски постигна шест, а Милан Лазаревски пет пати ја затресе противничката мрежа. Игра што само може да радува пред СП 2027.
Македонија досега играла на мундијалите во Египет во 1999 година (18. место), Хрватска во 2009 (11), Шпанија во 2013 (14), Катар во 2015 (деветто), Франција во 2017 (15), Данска и Германија во 2019 (15), Египет во 2021 (23), Полска и Шведска во 2023 (27) и во Хрватска, Данска и во Норвешка во 2025 година (15).
– Верувам во оваа генерација играчи и сметам дека е време да направи еден голем успех кој ќе се памети во нашите кариери и со тоа да ја надополниме претходната генерација, која беше поискусна и со многу играчки легенди. Нема да застанеме тука, продолжуваме со уште посилно темпо, оти сметам дека имаме квалитет да одиме напред. Македонија секогаш има цел да ја помине групната фаза на СП. Во изминатиот период покажавме дека можеме да се носиме со сите репрезентации. Ни недостигаше некоја почетна среќа, но сега, секако сме еден чекор погоре и ќе атакуваме на тоа што е замислено – рече Кузмановски. Г.И.
РФМ ќе ги награди ракометарите за пласманот на Мундијалот
За пласманот на Светското првенство во Германија идната година македонската ракометна репрезентација ќе биде и парично наградена. Претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Александар Стефанов, по натпреварот со Словачка ги извести ракометарите и стручниот штаб дека ќе поделат финансиска премија од 1.500.000 денари за постигнатиот успех, односно 10-то учество на светските првенства. Г.И.
Македонија во вториот барабан при ждрепката за јубилејното СП
Познати се сите 32 репрезентации што ќе бидат дел од 30. ракометно Светско првенство во 2027 година. Директен пласман обезбедија Германија како домаќин и Данска како актуелен светски првак, а Хрватска, Исланд, Шведска и Португалија благодарение на својот пласман на Европското првенство годинава.
Преку баражот, покрај Македонија, на СП 2027 од Европа ќе настапат и Норвешка, Фарските Острови, Шпанија, Франција, Грција, Полска, Словенија, Србија и Италија. САД се претставници на Северна Америка, а од Јужна Америка учесници се Бразил, Аргентина, Чиле и Уругвај. Од Азија ќе настапат Јапонија, Катар, Бахреин и Кувајт, а од Африка селекциите на Египет, Зелено’ртските острови, Алжир, Тунис и на Ангола. Преостанатите две места ќе бидат доделени со покани од Интернационалната ракометна федерација (ИХФ). Ждрепката на групите ќе се влече на 10 јуни, во Минхен (Германија).
На СП 2027 ќе има осум групи, а првите три од секоја група ќе одат во втората групна фаза. Македонија при ждрепката во Минхен ќе биде сместена во вториот барабан, заедно со селекциите на Франција, Словенија, Норвешка, Србија, Шпанија, Италија и на Фарските Острови.
Во првиот барабан се Данска, Германија, Хрватска, Исланд, Португалија, Шведска, Египет и Аргентина, во третиот се Грција, Полска, Бразил, Бахреин, Тунис, Зелено’ртските острови, Чиле и САД, а во четвртиот барабан ќе бидат Катар, Кувајт, Јапонија, Алжир, Ангола, Уругвај и уште две селекции кои ќе добијат покана од ИХФ. Првата фаза ќе се игра во Минхен, Штутгарт, Кил и во Магдебург, втората во Келн и во Хановер, а нокаут-фазата во Келн. Г.И.
ЕВРОПСКИ КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2027
Македонија – Словачка 38-23 (31-24)
Франција – Чешка 36-31 (37-26)
Италија – Швајцарија 38-31 (29-32)
Холандија – Грција 33-38 (27-29)
Турција – Норвешка 30-37 (30-43)
Полска – Австрија 30-30 (26-25)
Фарски Острови – БиХ 33-28 (24-22)
Унгарија – Србија 31-30 (29-31)
Словенија – Црна Гора 31-29 (29-28)
Израел – Шпанија 29-36 (27-32)
во заграда се резултатите од првите мечеви
































