фото: Марија Пецакова
  • Стоејќи на највисокиот литературен мост, најмладата македонска поезија е подготвена да ги рашири крилјата и да полета

Антологијата на најмладата македонска поезија насловена „Мојата песна се фрла од мост“ (на романски: „ Poezia mea se aruncă de pe pod“) беше промовирана вчера во Националниот музеј на литературата во Букурешт, Романија. Изданието излегува по триесет и шест години од првата антологија на македонска поезија на романски јазик, но ако се земе предвид дека првата е печатена во Молдавија, со право може да се каже дека „Мојата песна се фрла од мост“ е прва антологија на македонска поезија објавена во Романија.
Настанот официјално го отвори в.д. амбасадор на Македонија во Романија, Златан Беговиќ. Во рамките на промоцијата поезија читаа препејувачите, како и дел од студентите од Лекторатот по македонски јазик во Букурешт: Дијана Санду, Клаудиу Илие и Џорџијана Бертеа, додека свое излагање имаше и лекторката по македонски јазик на Универзитетот во Букурешт, Елена Ѓорѓиовска, која заедно со Анисија Ангел го направија изборот на застапените автори и на песните.

фото: Марија Пецакова

– Во месецот кога го славиме Денот на македонскиот јазик, носењето на одлуката за усвојувањето на македонската азбука и Денот на сесловенските просветители св. Кирил и Методиј, неслучајно се промовираше и оваа антологија. Ова е еден значаен книжевен настан што претставува голем исчекор во промовирањето на македонската книжевност надвор од границите на нејзиниот книжевен дом – истакна Ѓорѓиовска.
На промоцијата таа додаде и дека современата македонска поезија е поезија со исповеден тон – знае кога да биде мрачна и кога да разнежни, и покрај тоа е силна, знае да ѝ се спротивстави на реалноста, но и на самата себе. Според неа, македонската најмлада поезија е уникатна и самостојна, лична, индивидуална, но истовремено и универзална; припаѓа на „еден дом“, но е желна да изгради „дом“ и во романската книжевност.
Музички, настанот го збогати Бјанка Воику, создавајќи атмосфера во која поезијата, музиката и јазикот се споија во едно заедничко книжевно и културно доживување.

Најновата македонска поетска генерација пишува искрено и смело

Желбата за создавање на антологијата се родила на часовите за преведување на Лекторатот по македонски јазик при Факултетот за странски јазици и книжевности во Букурешт, каде студентите, преку непосреден контакт со современата македонска книжевност, ја почувствувале потребата оваа поезија да биде доближена и до романската публика. Дополнителен поттик за создавањето на антологијата било и сознанието дека првата антологија на македонска поезија на романски јазик – „Falanga: lirică macedoneană, antologia poeziei contemporane macedonene“ во препев на Јон Димитру и Каролина Илика – била објавена уште во далечната 1990 година. Но, со оглед на тоа што оваа антологија не била печатена во Романија – „Мојата песна се фрла од мост (антологија на најмладата македонска поезија)“ може да се смета за прва современа двојазична антологија на најмладата македонска поезија објавена во Романија. Антологијата е во издание на романската издавачка куќа „Editura Carminis“, а изборот на поезија е направен од Елена Ѓорѓиовска и Анисија Ангел.

фото: Марија Пецакова

Авторите и авторките застпаени во антологијата се: Калиа Димитрова, Михајло Свидерски Стефан Костоски, Никола Дукоски, Моника Стојановска, Павлина Атанасова, Ана Тодоровска, Никола Наумовски, Филип Димкоски, Гала Матевска, Исток Улчар, Андреј Ал-Асади, Диме Данов, Дамјана Видическа, Ива Дамјановски, Милена Сиљаноска, Павлина Ристова, Марија Трпковска, Ивана Јовановска, Рената Пенчова, Филипа Сара Попова, Пепи Стамков, Сара Ѓорѓијоска, Верица Мукоска, Ива Петревска, Андреј Медиќ-Лазаревски, Викторија Ангеловска, Сатја Александар Давитков, Марија Велинова, Стефан Спасовски и Андреј Анѓеловиќ.

Овој избор ја претставува најновата македонска поетска генерација која пишува искрено, смело, длабоко, лично, но истовремено универзално.
Препејувачите Тилда Рамона Теака, Дениса Елена Бербече, Михај Даниел Баба, Анисија Ангел, Дарија Јоана Алексе, Роберта Штефанија Јонеску и Вика Јоана Јон работеа под менторство на лекторката по македонски јазик Елена Ѓорѓиовска.
– Препејувањето и пренесувањето на песните од еден на друг јазик го означува второто раѓање на поезијата, а препејувачите ја исполнија интерпретативната верност и им останаа доследни на смислата, римите и на текстот. Најмладите македонски поети и поетеси заслужуваат ваков простор, бидејќи нивната поезија не е само сведоштво за едно време, туку и доказ дека современата македонска книжевност поседува свеж, автентичен и силен поетски глас кој умее да комуницира и надвор од границите на сопствениот јазик – истакна Ѓорѓиовска
За процесот на создавање на антологијата препејувачката Анисија Ангел смета дека нивната должност како филолози и преведувачи одела во правецот на желбата да ја пренесат избраната поезија до пошироката јавност, бидејќи нејзините теми се блиски и до романскиот читател.

Поезијата како мост меѓу две блиску култури

– Ние, Романците и Македонците сме токму тие народи кои си играат со мартинки, кои собираат храброст пред да се напијат голтка ракија од чоканчето, кои веруваат во уроци, народи за кои чаршафите што се сушат наликуваат на љубовни писма, народи во чии куќи полни со крпеници има изобилство љубов…- рече Ангел, на промоцијата на антологијата.
Заедничкиот впечаток на препејувачите е дека со препејувањето на песните и составувањето на антологијата се чувствувават како да го градат првиот мост меѓу двете книжевности — како јазикот извор и јазикот цел да стојат на спротивните краеви, а на средината е поезијата!
Во антологијата, но и во самото препејување, силно се чувствува блискоста меѓу двата народа.

фото: Марија Пецакова

Особено впечатлива е и симболиката на самиот наслов на антологијата, инспириран од песна на македонската поетеса Ива Дамјановски. Името „Мојата песна се фрла од мост“ упатува на поезија која се стреми кон лет, кон надминување на границите и кон духовно издигнување.
– Стоејќи на највисокиот литературен мост, најмладата македонска поезија во секој момент е подготвена да ги рашири крилјата и да полета кон духовните височини на читателите. Тоа е поезија која создава своја идеологија — идеологија на слободната поезија, која икаровски тежнее да се вивне кон небото додека истовремено останува заробена во срцата на оние кои ја читаат – забележува Ѓорѓиовска.
Објавувањето на „Мојата песна се фрла од мост / Poezia mea se aruncă de pe pod“ претставува значаен културен и книжевен настан – не само како ново претставување на македонската поезија во Романија, туку и како вистински мост меѓу две книжевности, два јазика и две блиски култури.
Антологијата е објавена со поддршка на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија, а реализацијата на проектот беше поддржана и од Амбасадата на Република Македонија во Букурешт, Смокарела, Националниот музеј на литературата и Факултетот за странски јазици и литература во Букурешт.