КАРАТЕ – ПРЕД ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА
- Подготовките се одвиваа според поставениот план. Сите сме фокусирани на претстојното Европско првенство. Ја поздравувам македонската јавност, нека нѐ следи, нека нѐ поддржува во нашите настапи и нека ни посака среќа на ова ЕП за да оствариме што подобар резултат, вели селекторот во борби, Кузмановски
Македонската сениорска карате-репрезентација во борби, предводена од селекторот Александар Кузмановски во борби и од Стојан Андриески, од 20 до 24 мај ќе биде дел од 61. Европско првенство (ЕП) во карате, кое ќе се одржи во германскиот град Франкфурт. На ЕП во Германија се очекува да настапат околу 600 натпреварувачи од педесетина земји. Македонија ќе ја претставуваат вкупно 15 каратисти, осум во женска и седум во машка конкуренција, во дисциплините кати и борби. Подготовките на репрезентацијата во борби и во кати се одвиваа според прецизно утврден план, со тренинг-кампови во Хрватска и во Катланово, каде што формата се темпираше до најситни детали. Карате-репрезентацијата на Македонија денеска наутро заминува за Германија.
Селекторот во борби, Александар Кузмановски, и овој пат е оптимист пред ЕП иако конкуренцијата е многу силна.
– Подготовките се одвиваа според поставениот план. Сите сме фокусирани на претстојното Европско првенство. Ја поздравувам македонската јавност, нека нѐ следи, нека нѐ поддржува во нашите настапи и нека ни посака среќа на ова ЕП за да оствариме што подобар резултат – оптимист е Кузмановски.
Македонија досега има освоено вкупно 17 медали од сениорските европски првенства, од кои 16 во борби и една во кати екипно, а најуспешен каратист е штипјанецот Емил Павлов, со по две злата и бронзи.
– Од она што го видов на тренинзите, мислам дека имаме големи шанси да влеземе во борба за медал и да се вратиме по подолго време со медал од ЕП во делот на кати – рече селекторот во кати, Стојан Андриевски.
Министерот за спорт Борко Ристовски оствари средба со македонските каратисти и со раководството на македонската карате-репрезентација пред нивниот настап на претстојното Европско првенство.
– На нашите најдобри каратисти им посакувам успешен настап на Европското првенство со максимална посветеност и силен тимски дух. Верувам дека тие достоинствено ќе ја претставуваат Македонија на европската сцена, ќе нѐ израдуваат со добри резултати и ќе го позиционираме каратето од година на година скалило погоре – истакна министерот Ристовски.
Министерството за спорт целосно ќе го покрие настапот на нашата сениорска карате-репрезентација на ова ЕП. Со овој чекор јасно се покажува дека Министерството за спорт секогаш ќе биде на страната на спортот и целосно ќе го поддржува афирмирањето на А-селекциите на највисоките европски и светски натпреварувања.
Од Карате-федерацијата на Македонија (КФМ) не го криеја задоволството од ваквата одлука на министерот Ристовски и истакнаа дека успешната соработка со Министерството за спорт ќе продолжи и во иднина, а македонските каратисти со гордост ќе ја претставуваат Македонија на сите врвни натпреварувања.
Во знак на добрата соработка, селекторот на македонската карате- репрезентација, Александар Кузмановски, на министерот Ристовски му врачи спортска опрема што е спонзорство за А-селекцијата на КФМ.
Последен медал за Македонија на ЕП освои Михаела Мишовска, која на ЕП 2024 година што се одржа во Задар (Хрватска), во тежинската категорија до 50 кг, во дисциплината борби ги освои одличното второ место и сребрениот медал, притоа забележувајќи четири победи и пораз во финалето од Хрватката Ема Сгардели. Г.И.
Македонија, состав, борби
ЖЕНИ
Ива Пецевска (до 50 кг)
Михаела Мишовска (до 55 кг)
Вероника Костовска (до 61 кг)
Ера Коџа (до 68 кг)
Ердона Зибери (над 68 кг)
Сите каратистки ќе настапат и екипно
МАЖИ
Недим Шакири (до 60 кг)
Матеј Белистојаноски (до 67 кг)
Љупчо Михајлов (до 75 кг)
Реџеп Рушити (до 84 кг)
Стефан Стојановиќ (над 84 кг)
Мурсељ Мисими (екипно)
Филип Стојанов (екипно)
Состав, ката
ЖЕНИ
Владанка Аврамова
Данка Стојкова (екипно)
Сара Трпковска (екипно
Македонски европски медалисти
Борби
ГОД. ГРАД ИМЕ МЕДАЛ
2007 – Братислава Иво Цветковски сребро
2007 – Братислава Сашко Арсовски бронза
2008 – Талин Ардита Исени бронза
2009 – Загреб Наташа Илиевска сребро
2010 – Атина Огнен Груевски бронза
2011 – Цирих Наташа Илиевска злато
2013 – Будимпешта Берат Јакупи бронза
2014 – Тампере Емил Павлов злато
2015 – Истанбул Мартин Несторовски бронза
2016 – Монпелје Емил Павлов бронза
2017 – Коачели Берат Јакупи сребро
2017 – Коачели Јована Георгиева бронза
2018 – Нови Сад Емил Павлов злато
2019 – Гвадалахара Емил Павлов бронза
2022 – Газиантеп Петар Спасеновски бронза
2024 – Задар Михаела Мишовска сребро
2026 ?
Кати – екипно
2005 – Тенерифе Рибарска, Трајкоска, Димитрова бронза































