Фото: ЕПА

ФАУСТИНО ОРО, МЕСИ ВО ШАХОТ, СТАНА ВТОРИОТ НАЈМЛАД ВМ ВО ИСТОРИЈАТА

  • Очигледно, имам талент, но само со талент не се стигнува никаде. Можеш да бидеш добар играч, но нема да станеш светски шампион, вели Аргентинецот Оро

Историјата беше напишана кога интернационалниот мајстор (ИМ) Фаустино Оро неодамна ја запечати својата последна трета норма за велемајстор (ВМ) едно коло пред крајот на Светскиот шаховски фестивал во Сардинија (Италија), освојувајќи шест поени од можни девет меѓу 158 играчи, од кои 29 ВМ. Аргентинецот познат како Меси на шахот, на возраст од само 12 години, шест месеци и 26 дена стана вториот најмлад играч што некогаш ја освоил најпрестижната титула во шахот. Рекордот го држи Индиецот Абхиманју Мишра (12 години, четири месеци, 25 дена), додека трет е ВМ Сергеј Карјакин, чиј рекорд траеше речиси две децении.
Роден на 14 октомври 2013 година, во Буенос Аирес (Аргентина), Фаустино се запознал со шахот на шест години од својот татко – шаховски ентузијаст. Ова се случило во текот на првите месеци од карантинот поради пандемијата на ковид-19, во мај 2020 година. Тој брзо ги совладал основите на играта, покажувајќи голем талент и наскоро започнал формални часови, дополнети со онлајн обука.
– Се чувствувам многу добро. Среќен сум, сега сум велемајстор. Можеби пред една или две години можев да замислам дека ќе станам ВМ на 12 години, но сигурно не кога почнав да играм шах – рече Оро за „Чесбејс Индија“.
Аргентинецот сега се приклучи на престижниот список од само седум играчи што станале ВМ пред нивниот 13-ти роденден. Фаусти, како што е познат меѓу пријателите, во 2023 година го сруши рекордот за најмлад играч што достигнал рејтинг од 2.300 поени, откако претходно стана најмлад шахист во историјата со 2.200 поени. Шаховскиот вундеркинд оттогаш постави неколку неверојатни рекорди, стана најмлад играч со среден ранг во историјата на 10 години (2024), останува највисоко рангирани 11-годишник и веќе се стреми кон рекордот на турскиот ВМ Јагиз Кан Ердогмуш (2.569) за највисоко рангиран 12-годишник, пишува специјализираната шаховска интернет-страница „Чес“.
Оро ја постигна својата прва норма за ВМ и премина рејтинг од 2.500 поени во Мадрид 2025 година. Во декември истата година ја освои втората норма во Буенос Аирес. Тој се докажа и онлајн, станувајќи најмлад шахист што достигна рејтинг од 3.000 поени во брз шах на Чес-турнирите, рекорд што во меѓувреме е соборен. Годинава се искачи на петтото место на табелата на „Чес“. Сега со седиште во Шпанија, тој стана централна фигура во шаховскиот свет што зборува шпански, предизвикувајќи „фаустиманија“ низ целиот свет.
Популарниот коментатор на „Чес“, ИМ Давид Мартинез, ги покриваше турнирите на Оро на шпански јазик на својот интернет-канал.

– Оро ја постигна титулата ВМ со толку очигледна супериорност што, од сега па натаму, се чувствува како да е дури и помалку од неговите способности. Уште еднаш тој демонстрираше многу високо ниво на техника и натпреварувачка зрелост, со што ги надминува своите години. Зборуваме за играч што веќе проектира сила близу 2.600. Она што го генерира во шпанската заедница е нешто што никогаш порано не сум го видел, дури ни блиску. Не се сомневам дека Оро ќе биде еден од најдобрите светски играчи – вели Мартинез.
Во јануари, Оро во Осло ја посети канцеларијата на генералниот менаџер на петкратниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, каде што двајцата играа брз шах и разговараа за играта. Оро имаше 10 години кога го победи најдобриот играч во светот Карлсен во партија на една минута, што претставуваше голема сензација.
– Тој е одличен играч. Има прекрасно чувство за шаховска позиција, што е многу ретко за толку млади играчи. Тој е на неверојатен пат и се чини дека навистина го сака шахот – рече Карлсен.
И покрај извонредните резултати и глобалното медиумско внимание со години, Оро, кој сака да стане светски првак, сепак останува приземјен.
– Само се обидувам да не размислувам за тоа, да го играм мојот најдобар шах и да уживам во него. Верувам дека тоа е најважното нешто. Ако не уживаш, зошто да играш? Очигледно, имам талент, но само со талент не се стигнува никаде. Можеш да бидеш добар играч, но нема да станеш светски шампион. Потребна е многу напорна работа. Тренирам многу, секој ден по 5-6 часа во зависност од денот. Ќе продолжам да играм и да се подобрувам, а рејтинг од 2.600 поени е мојата следна цел – вели талентираниот Оро. Г.И.


Десет најмлади ВМ во историјата

ИМЕ ГОДИНИ МЕСЕЦИ ДЕНОВИ
Абхиманју Мишра 12 4 25
Фаустино Оро 12 6 26
Сергеј Карјакин 12 7 0
Домараџу Гукеш 12 7 17
Јагиз Ердогмуш 12 9 29
Јавокир Синдаров 12 10 57
П. Рамешбабу 12 10 13
Н. Абдусаторов 13 1 11
Паримарјан Неги 13 4 22
Магнус Карлсен 13 4 27