Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска го претстави „Фронтот за вистина и правда“, кој, како што рече, ќе се темели на четири столба: нулта толеранција за корупција и европска правда, иднина за младите, достоинствен живот за сите, подобар животен стандард, како и силно село и земјоделци.
Филипче посочи дека клучниот столб на програмата е борбата против корупцијата, преку дигитална транспарентност, зајакната соработка со европските институции и нови механизми за контрола на функционерите.
– Овој столб опфаќа полна имплементација и проширување на соработката со Европското јавно обвинителство. Ние веќе имаме потпишано работен договор со оваа институција во 2022 година и тој договор ќе го активираме на највисоко ниво. Ќе имаме директна размена на информации, заеднички истражни тимови и техничка поддршка од Европа – рече Филипче.
Според него, ваквиот модел ќе овозможи и европски обвинители да бидат вклучени во случаи на висока корупција.
– Ова значи дека високата корупција, министри, пратеници, големи тендери со огромни суми народни пари, ќе можат да ги истражуваат и европските обвинители – изјави Филипче.
Во рамки на истиот столб, тој најави формирање национална антикорупциска дирекција, според моделот на романската ДНА.
– Нова целосно независна институција, со полна финансиска и кадровска независност, со надлежност за сите – од премиер до градоначалник, до најнизок функционер на локално ниво. Директорот ќе се избира со двотретинско мнозинство во Собранието, за да не може ниту една политичка партија да влијае и да ја контролира – рече Филипче.
Тој додаде дека моделот би бил комбинација од романската ДНА и естонските дигитални алатки, а финансирањето би доаѓало од европските фондови, буџетот и средства вратени од корупција.
Филипче најави и целосна дигитализација на јавните набавки, тендерите и услугите, според естонски модел.
– Сите тендери, дозволи, субвенции и плаќања ќе се прават исклучиво преку онлајн апликација и една национална дигитална платформа. Граѓанинот или компанијата поднесува барање со клик и го следи целиот процес во реално време. Нема физички контакт со службеници – изјави Филипче.
Како дел од програмата, СДСМ предлага и задолжителна електронска декларација на имот за сите функционери.
– Секој функционер, од премиер до најнизок функционер на локално ниво, како и неговото семејство, ќе го пријавуваат целиот имот, сметки, акции и подароци над 100 евра. Систем со вештачка интелигенција ќе ги споредува податоците со примањата. Лажна или нецелосна декларација ќе биде предмет на кривична одговорност – рече Филипче.
Тој најави и заштита и награди за свиркачите, како и јавен регистар на црни листи за лица осудени за корупција.
– Граѓанин или вработен кој ќе пријави корупција ќе добие од 5 до 15 проценти од вратените пари, плус целосна заштита на идентитетот и работното место. Ќе има анонимен онлајн канал, по примерот на Естонија и САД – рече Филипче.
Според него, секој осуден за корупција трајно би добил забрана да врши јавна функција или да учествува во државни тендерски постапки, а регистарот би бил јавно достапен онлајн.



































