Стручна трибина на тема: „Борбата со семејното насилство и насилството врз жената како социјален предизвик: институционален, психосоцијален и вредносен одговор“ денеска се одржа во седиштето на Социјалистичка партија на Македонија (СПМ), во организација на Форумот на жени на СПМ.
-Настанот претставуваше значаен обид за отворање на суштинска, интердисциплинарна и општествено одговорна расправа за семејното насилство како комплексен социјален феномен, преку активно вклучување на претставници од институциите, законодавната и извршната власт, здравствениот систем и граѓанскиот сектор – информираат од Форумот на жени на СПМ.

Во фокусот на дискусијата беа поставени прашањата за менталното здравје, институционалната координација, превенцијата и потребата од креирање конкретни политики и механизми за заштита на жртвите и спречување на сите облици на насилство. Трибината беше реализирана преку панел-излагања на истакнати експерти и носители на јавни функции, по што следеше и конструктивна дискусија.
Настанот го отвори претседателката на Форумот на жени на СПМ, Зорица Јанкуловска, која говореше за политичката одговорност, неопходноста од институционална решителност и значењето на женското лидерство во борбата против насилството. Свое обраќање имаше и Емилија Ангелова, пратеничка во Собранието на Македонија и генерален секретар на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, која ги потенцираше законодавните механизми и институционалните столбови во борбата против семејното насилство, со посебен акцент на Националната стратегија за борба против семејното насилство и потребата од нејзина доследна имплементација.
За психолошките и здравствените последици од насилството врз жената, како и за значењето на посттрауматскиот третман и психофизичкото здравје на жената како темел на семејството, говореше Славица Арсова, директорка на Клиниката за психијатрија, која ја потенцираше потребата од системска и долгорочна психосоцијална поддршка на жртвите.

Во текот на трибината беше нагласено дека борбата против семејното насилство не смее да остане исклучиво институционална обврска, туку мора да прерасне во заедничка општествена мисија, заснована врз одговорност, солидарност и институционална зрелост. Беше истакнато дека државата и општеството мора да изградат систем посилен од секое насилство.
Ана Дуковка, претседателка и основачка на Здружението за вмрежување на успешни жени, едуцирање и истражување „Јас сум жена“, како и на Марија Петровска Николовски, основач на здружението за помош и поддршка на жени жртви на насилство „Од траума до ресоцијализација“, говореа за потребата од теренска поддршка, ресоцијализација и јакнење на мрежите за помош и заштита на жените жртви на насилство.
Во рамки на трибината беше презентирана и практична вежба од страна на психотерапевт Розалија Секулоска, од Центарот за згрижувачки семејства „11 Октомври“, Скопје. Таа се осврна на функционирањето на жртвите низ институционалниот систем, при што беше посочено дека најранливата категорија во процесот на семејно насилство се децата, чија рехабилитација и психолошка обнова бараат особено внимателен, стручен и одговорен пристап.

Настанот беше затворен со силна порака за неопходноста од интегриран и координиран пристап во справувањето со семејното насилство и насилството врз жената, со оценка дека станува збор за длабок и комплексен општествен предизвик кој бара долгорочни решенија, континуирана институционална соработка и висока општествена свест.
-Трибината резултираше со конкретни заклучоци и препораки насочени кон унапредување на системот на заштита, јакнење на институционалната координација и афирмирање на принципот на нулта толеранција кон сите форми на насилство. Социјалистичка партија на Македонија, како иницијатор во отворањето и решавањето на прашања од суштинско значење за граѓаните, останува цврсто посветена на креирање политики што обезбедуваат сигурност, социјална правда, достоинство и еднаквост за сите граѓани – велат од Форумот на жени на СПМ.



































