Фото: Зоран Антоски / Илустрација

Канализацијата Зајас – Другово ќе биде завршена со буџетски пари затоа што, поради неодговорноста на минатата власт, изгубен е грантот за оваа намена, вели премиерот Христијан Мицкоски. Додава дека со посветена работа на оваа власт проектот ќе биде реализиран, но, оти ќе се бара одговорност од тие што го довеле во таква состојба.

– Тоа беше исклучително криминален проект, со сета одговорност тоа можам да го кажам. Фирма којашто во меѓувреме банкротира, со непознати извори на банкарска гаранција итн. Проектот беше потпишан од претходната влада, како впрочем и најголемиот дел проекти за коишто имавме големи критики од страна на самата Европска комисија, бидејќи е дел од ИПА програмата – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање при посетата на Кичево.

Сега, додаде, веќе не е така, го избришаа поради тоа било направено од претходната влада.

– Но, ние како Влада го одглавивме целиот процес и продолжуваме со реализација на тој проект и тој проект ќе биде реализиран. За да ви кажам кога, ќе мора најпрвин да имаме некоја точка нула, па потоа можам да ви кажам точно кога. Но она коешто можам да го кажам е дека сигурно ќе има одговорност од тие коишто го довеле во оваа состојба тој проект. Го изгубивме грантот и сега треба пари од Буџет, наместо да финансираме други проекти, ќе мора за тие за коишто веќе имало грант. Ете, така работат овие коишто денеска критикуваат. Замислете, Зајас има улично осветлување, нема канализација. Затоа што ја украле – потенцира премиерот Мицкоски.

Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска рече дека во овој случај се соочиле со исклучително тежок проблем со овој проект, но оти веќе е надминат.

– Документацијата којашто, можам да кажам беше веќе некорисна, ја преработуваме и очекувам до крајот на наредната недела да е комплетно завршена, по што целосно ќе биде завршена проектната документација и може да распишеме тендер. Она што можам да ја информирам целата јавност е дека благодарение на премиерот и на пратеникот од Кичево, а потоа благодарение на колегите во Министерството за животна средина кои буквално шест месеци работеа на преработка на оваа тендерска документација, овој проект ќе се реализира целосно со средства од Буџетот на Владата преку МЖСПП – рече Лашкоска.

Градоначалникот на Кичево Александар Јовановски рече дека реализацијата на проектот за канализација бил негово предизборно ветување и оти тоа ќе се оставри.

– Мое предизборно ветување беше дека дефинитивно ќе ја завршиме канализацијата Зајас – Другово, којашто не е само Зајас и Другово, туку е комплетен колекторски систем за цела кичевска котлина, кој ќе завршува во пречистителната станица. Меѓутоа, за жал, наместо да ги имаме тие средства обезбедени, поради несериозноста на претходната власт ги изгубивме и сега, како што кажа премиерот, ќе мора да ги финансираме од средства на Владата – рече Јовсновски додавајќи дека може ќе треба да се скрати на други работи, но оти овој проект ќе се реализира за доброто на  жителите.