Филмот „Скарфејс“ („Scarface“) на Брајан де Палма за малку ќе бил забранет за киноприкажување поради екстремното насилство

Кога првпат бил испратен до американската организација MPAA, филмот добил X-рејтинг, што во тоа време практично значело комерцијална забрана. Де Палма направил измени и повторно го испратил, но повторно бил одбиен. Дури и по трета рунда кратења, комисијата одбивала да му даде R-рејтинг.
Најголем проблем била озлогласената сцена со моторната пила, но и фактот што ликот Октавио Кловнот бил застрелан „премногу пати“.
Де Палма и продуцентот Мартин Брегман на крајот поднеле жалба и донеле експерти и вистински агенти од Одделот за наркотици, кои тврделе дека филмот не ја глорифицира дрогата, туку ја прикажува суровата реалност на криминалното подземје. Жалбата успеала и третата верзија на филмот добила R-рејтинг со гласање 18 спрема 2.
Но Де Палма имал уште поинтересен потег.
Тој подоцна признал дека во кината наводно ја пуштил оригиналната нескратена верзија, верувајќи дека студиото нема да ја забележи разликата. Тоа го открил дури неколку месеци подоцна, кога филмот веќе бил објавен и на домашно видео.


Ал Пачино бил „премногу низок и премногу тивок“ за „Кум“

Денес е невозможно да се замисли Ал Пачино како нешто друго, освен како совршениот Мајкл Корлеоне, но студиото „Парамоунт“ првично воопшто не го сакало за улогата. Во раните 1970-ти Пачино бил речиси непознат актер, а директорите сметале дека нема доволно „ѕвезден“ изглед за главен лик во голем мафијашки филм.
Тие сакале попознати имиња како Роберт Редфорд или Џек Николсон, а некои од продуцентите мислеле дека Пачино е „премногу низок и премногу тивок“ за улогата. Единствениот што упорно го бранел бил режисерот Френсис Форд Копола, кој верувал дека токму неговата смиреност и внатрешна тензија се совршени за трансформацијата на Мајкл.
По првите недели снимање, студиото било толку незадоволно од Пачино што сериозно размислувало да го отпушти и да го замени. Но ситуацијата целосно се сменила по сцената во ресторанот, кога Мајкл ги убива Солоцо и полицискиот капетан Мекласки. Откако ја виделе снимката, многумина во студиото сфатиле дека токму Пачино е срцето на филмот.
Другото е филмска историја. „Кум“ („The Godfather“) стана еден од најголемите филмови на сите времиња, а улогата на Мајкл Корлеоне го претвори Ал Пачино во светска актерска икона.


Гледачите избезумени ги напуштале киносалите, мислејќи дека „Проектот вештерката од Блер“ е вистинска случка снимена со камера

Кога „Проектот вештерката од Блер“ („The Blair Witch Project“) се појавил во 1999 година, многу гледачи навистина верувале дека станува збор за автентична снимка од тројца исчезнати студенти. Во време кога интернетот сè уште бил релативно нов медиум, маркетинг-кампањата на филмот станала една од најгенијалните и најморничави во историјата на хоророт.
Студиото и авторите Даниел Мирик и Едуардо Санчез креирале лажни веб-страници со „полициски извештаи“, фотографии од исчезнатите студенти и измислени документи за легендата на вештерката од Блер. На интернет кружеле и лажни информации дека актерите се навистина исчезнати или мртви, а нивните профили на ИМДб во еден период биле означени како „исчезнат, се претпоставува дека е мртов“.
Дополнителен реализам давал и самиот стил на снимање. Филмот бил направен со рачни камери, со природно осветлување и импровизирани дијалози, па изгледал повеќе како документарец отколку како класичен хорор. Буџетот бил минимален, но токму суровиот и хаотичен изглед ја натерал публиката да мисли дека гледа нешто што не требало да биде видено.
Резултатот бил феномен. Дел од гледачите по кинопроекциите излегувале убедени дека снимките се вистински, а филмот подоцна стана еден од најпрофитабилните независни филмови на сите времиња.


Хичкок строго забранил влез во салата
откако ќе започне „Психо“

Алфред Хичкок бил опседнат со идејата никој да не го дознае пресвртот во „Психо“ („Psycho“) пред да го гледа филмот. Во време кога спојлерите не биле дел од поп-културата како денес, Хичкок направил нешто дотогаш невидено во Холивуд.
Тој купил голем број примероци од романот „Психо“ од писателот Роберт Блох за што помалку луѓе да можат да го прочитаат крајот. Но уште пореволуционерни биле правилата што ги вовел за киноприкажувањата.
Хичкок строго забранил влез во салата откако филмот ќе започне, што тогаш било речиси незамисливо. Во тоа време луѓето често влегувале во кино кога сакаат, дури и среде проекција. Но режисерот сметал дека публиката мора да го доживее филмот од самиот почеток за шокот да има целосен ефект.
Пред кината биле поставени огромни постери со самиот Хичкок, кој ги предупредувал гледачите дека „никој, ама баш никој“ нема да биде пуштен по почетокот на филмот. Маркетингот создал огромна мистерија, а сцената под туш подоцна стана една од најлегендарните и највлијателни сцени во историјата на киното.