Фото: ОФМ

ОДБОЈКА

Организаторот на играта на женскиот национален тим на Македонија, Ерјона Јонузи, во новиот циклус влегува како една од малкуте одбојкарки со статус на интернационалка, но и како дел од оние што може да се пофалат со подолг репрезентативен стаж. Лани репрезентација имаше солиден настап во Европската лига (ЕЛ), запиша и две победи, но годинава несомнено ќе биде потешко и како дел од квалификацискиот циклус за ЕП 2028, кој го добива ЕЛ.
– Имаме многу промени во екипата годинава. Пред сѐ, нов стручен штаб и нов селектор, како и подмладена екипа, дел од поискусните не се со нас во овој циклус. Времето ни е кусо и мораме што побрзо да влеземе во системот и начинот на работа на селекторот. Оваа Европска лига ќе биде потешкa, но ништо не е невозможно, очекуваме повторно позитивни резултати. Сите сме оптимисти и одлично расположени, подготвени за работа влегуваме во овој циклус, кој мислам дека на крајот ќе има позитивен исход – вели Јонузи.
Комплетниот подготвителен процес одбојкарките ќе го одработат во СЦ „Форца“ во Скопје, додека контролниот двомеч со Косово на 29 и 30 мај, ќе биде финална проверка на силата на репрезентацијата пред настапот во годинашнава Европска лига, пренесе ОФМ. Г.И.