Фото: КФМ

КОШАРКА – СУПЕРЛИГА, ПЛЕЈОФ, МАЖИ

  • Во третиот одлучувачки меч, МЗТ Скопје на свој терен убедливо го совлада Пелистер со 87-58 и со 2-1 во победи се пласира во финалето

Во полуфиналниот меч на одлука, кошаркарите на МЗТ Скопје и актуелни шампиони на Македонија, предводени од тренерот Васко Атанасов, со одлична игра во второто полувреме, а особено во третиот период (29-5), убедливо го совладаа битолски Пелистер со 87-58 иако на полувремето беше нерешено (37-37) и со вкупни 2-1 во победи успеаја да се пласираат во финалето на плејофот во Суперлигата, каде што ќе ги одмерат силите со сензационалниот финалист и дебитант во ова натпреварување, екипата на Маџари од Скопје. Тимот од Аеродром, кој досега има освоено 12 првенствени титули, важи за фаворит во оваа финална серија, а 12-те титули ги освои од 2012 до 2017 година, потоа во 2019-та и од 2021 до 2025 година, додека победник на Купот на Македонија беше во 1996, 1997, 1999, 2000, 2012, 2013, 2014, 2016, 2018, 2021, 2023, 2024 и 2025 година.
Во победничкиот состав, Марин Петков имаше ефект од 23 постигнати поени со седум додавања и три скока, Душан Танасковиќ додаде 20 поени со седум скока, а Елајџа Мекаден оствари дабл-дабл со 14 поени, 12 скока и пет асистенции. Кај битолчани, предводени од тренерот Борче Даскаловски, Кевин Дејвис уфрли 12 коша, а Лангстон Вилсон реализираше 10.
Ако двете екипи се согласат, финалната серија ќе почне веќе викендов во СЦ „Јане Сандански“, каде што би се играле првите два натпревара од серијата подобар од пет. За Пелистер, пак, останува серијата против поразениот клуб во втората полуфинална серија од плејофот, а тоа е ланскиот финалист ТФТ, кој треба да ја определи екипата, која ќе биде третопласирана во Суперлигата во натпреварувачката сезона 2025/2026. Г.И.