ТАЕКВОНДО – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО МИНХЕН
- Најдобрите македонски таеквондисти, Дејан Георгиевски и Милијана Рељиќ, предводени од тренерите Стефан Костовски и Александар
Ефтимов, беа поразени во четврт-финалето
Најдобрите македонски таеквондисти, стандардни репрезентативци и кандидати за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лос Анџелес 2028, не успеаја да освојат медал на Европското првенство (ЕП) во германскиот град Минхен. Носителот на сребрен олимписки медал од ЛОИ во Токио, Дејан Георгиевски (член на ТК Бутел), кој настапи во тежинската категорија над 87 кг, предводен од тренерот Стефан Костовски, во првото коло беше слободен, во второто со 2-1 во рунди славеше над Емре Кутламиш Атесли од Турција, но во четвртфиналната борба со 0-2 во рунди загуби од Шпанецот Иван Гарсија Мартинез. Филип Блажевски (до 80 кг) загуби со 0-2 во рунди во првата борба против Гудмундур Сигурјонсон од Исланд.
Во женска конкуренција, олимпијката Милијана Рељиќ (членка на ТК Тигри), предводена од нејзиниот тренер Александар Ефтимов, како и Георгиевски, во осминафиналето славеше, но во четврт-финалето загуби.
– Во првото коло Рељиќ ја победи со 2-0 во рунди светската вицешампионка од 2022 година, Теопула Сарванаки. Во првата рунда Рељиќ губеше, но пред крајот успеа да израмни и поради подобар скор односно повеќе поени со удар во глава, Рељиќ ја доби првата рунда, а рутински и паметно ја доби и втората рунда.
Во борбата за медал се сретна со бронзената од минатото ЕП и учесничка на ЛОИ во Париз 2024, Петра Столбова од Чешка. Во првата рунда Столбова беше поуспешна за еден поен, втората рунда ја доби Рељиќ, а во третата и решавачка рунда на три секунди пред крајот, при водство на Рељиќ, Столбова успеа да освои поен и да победи, а само три секунди нѐ делеа од историски медал на официјално ЕП – ни изјави тренерот на Рељиќ и клубот Тигри, Александар Ефтимов.
Сепак, Милијана Рељиќ, успea да освои нови поени.
– Ова се нови 8,64 поени што ќе се префрлат во олимписката категорија (до 57 кг), каде што веќе од 1 јуни почнува собирањето поени за олимписка норма за ЛОИ 2028. Иако со скршена трета метаркапална коска на шаката, Рељиќ напорно тренираше. Силно верувавме дека ќе освоиме медал, но овој пат немавме спортска среќа. Најбитно е сега да настапиме на три гранпри-турнири и финалниот (до 57 кг), зашто за првите гранпри-турнири, поради техничката грешка направена лани, Рељиќ ќе мора да се бори во категоријата до (67 кг) што, пак, не и носи поени за ЛОИ 2028. Сепак силно веруваме дека и без тие поени ќе успееме на крајот да бидеме дел од ЛОИ 2028, односно да бидеме во првите пет на олимписката ранг-листа и да обезбедиме А-норма за Лос Анџелес 2028 – оптимист е тренерот Ефтимов. Г.И.
Следни турнири на Рељиќ
Следниот период Рељиќ има турнири клучни за обезбедување норма за финалниот гранпри-турнир, кој ќе се одржи кон крајот на ноември во Казахстан.
– Следни турнири на кои Рељиќ ќе настапи се: Г-1 опен во Луксембург (24 мај), Гранпри Г-6 во Рим (2-6 јуни), Президенс Г-3 куп во Нирнберг (7-8 јуни), два турнира Европско клупско првенство Г-1 и Босна Г-1 Опен во Сараево (19-21 јуни), Балкан Г-1 куп во Зрењанин (25-26 јуни) – појасни Ефтимов.
































