На денешното рочиште за пожарот во дискотека „Пулс“, обвинителот Дарко Јакимовски продолжи со презентирање електронски докази и видеоматеријали поврзани со настапите на музичката група ДНК, како и снимки од вечерта кога избувна трагичниот пожар.
Според обвинителството, доказите биле обезбедени од социјални мрежи, медиумски објави и видеа снимени од присутни лица, а имаат значење за утврдување на начинот на сценски настап, користењето пиротехнички средства и настаните непосредно пред и по избувнувањето на пожарот, пренесе МИА.
Јакимовски посочи дека видеоматеријалите покажуваат оти групата имала стандарден сценски распоред кој се повторувал на повеќе настапи, при што пиротехнички средства биле користени и во затворени простории.
Посебно внимание, како што беше наведено во судницата, било посветено на движењето на починатиот член на групата, Мартин Атанасов-Буци.
На дел од презентираните снимки се гледа моментот на активирање на огнометот и почетокот на пожарот, како и хаосот што настанал при обидите за евакуација. На видеата од надворешната страна на дискотеката се забележува како голем број луѓе се обидуваат да излезат преку една врата.
Обвинителот посочи и на моментите кога бил активиран системот со прскалки, како и на локацијата каде, според видеодоказите, започнал пожарот.
































