„ЗА ОВЧЕПОЛСКИТЕ РАБОТИ“ (1)
- Овој фељтон се објавува со цел промоција на туристичкиот потенцијал на Овчеполието, еден од регионите во Македонија што со векови ги предизвикува истражувачите да се запознаваат со скриените тајни од сите можни цивилизациски слоеви на човештвото коишто се наоѓаат под тлото на Македонија. Во текстовите што следуваат ќе можете да читате извадоци од магистерскиот труд „Управување и маркетинг на туристичкиот потенцијал во Овчеполската Котлина“, одбранет во 2017 година и преобјавен во 2022 година, дополнети со делови од едицијата во подготовка „Зборник за Овче Поле, книга 1-5“ и изданието „Имагинариум – Имагинариумот на Доктор СонЅе“. Како илустрации за овој фељтон имам подготвено стари фотографии од Овче Поле, фототипи од документи, стари книги и списанија и копии на оригинални написи од „Нова Македонија“ и „Овчеполски глас“. Во изминатите години, посетителите и туристите најчесто доаѓаат во Овче Поле самоорганизирано или со водичи од соседните региони. Од 2017 година, па досега бројот на луѓе што го посетуваат Овчеполието поради присутните природни ресурси и културно наследство постојано се зголемува, правопропорционално со интересот на медиумите, научниците, инвеститорите и на туристичките работници. Се надевам дека со овој фељтон ќе поттикнеме развој и разумна употреба на туристичките ресурси, привлекување инвестиции, подобрување на комуникацијата меѓу официјалните институции, приватниот сектор, граѓанските здруженија и домашното население, подобрување на екологијата, заштита на движните и недвижните наоди, зачувување на пишаните документи, трудови и книги и активна работа за промоција на економскиот потенцијал со цел конечно подобрување на животниот стандард на населението. Туристичкиот потенцијал на Општина Свети Николе и на другите општини што зафаќаат делови од Овчеполието заслужува поголемо внимание, грижа, промоција и развој. Добре дојдовте во древното Овче Поле во новото време
Туристичкиот потенцијал на Овче Поле и Општина Свети Николе
Природните ресурси и културното наследство во Овчеполската Котлина воодушевуваат со својата древност, автентичност и достапност во 21 век. Непроценливото културно богатство и условите за употреба на природните извори на енергија заслужуваат поголемо внимание и разумна употреба, преку приложување издржливи модели за развој на економијата и соодветни начини за управување со природните ресурси и културното наследство. Постојните места каде што се наоѓаат туристичките атракции и потенцијалните локации коишто се посетувани од луѓе со векови и можат да бидат употребени како туристички ресурс, заедно со условите за производство на здрава храна и природните убавини, предизвикуваат работа за развој на туризмот во Овчеполието. Туристичкиот потенцијал со кој располага овој регион е доволен за Овче Поле да се потврди како засебна туристичка дестинација со своја организација на менаџментот, односно управувањето. Можностите што ги нуди модерната технологија, заедно со промените во научната свест, се дополнителна инспирација за управување со туристичкиот потенцијал на Овчеполската Котлина на начини што ќе придонесат за развој не само на туризмот туку и на економијата во регионот и Република Македонија. Овчеполската Котлина, една од најголемите котлини во Република Македонија, располага со доволно културно наследство и природни ресурси за секоја година да привлекува сè повеќе туристи од различни земји низ светот. Неистраженоста и малата грижа за природните ресурси и културното наследство во изминатите децении не успеваат да ги попречат љубопитните посетители што сакаат да се запознаат со Овче Поле. Можностите на новото време, напредните технологии и развојот на научната дисциплина маркетинг можат да овозможат развој на туризмот во неколку општини на Република Македонија, кои вклучуваат дел или се граничат со природната Овчеполска Котлина, а со тоа да се развие и целиот туризам, но и заштита на значајните ресурси за иднината. Во оваа публикација за прв пат на едно место се собрани потенцијални туристички атракции во Општина Свети Николе, со што се продолжува повеќегодишната работа за регионализирање на Овчеполието и стратешко поставување на пазарот како туристичка дестинација.
Градот Свети Николе претставува централна и главна населба на Овчеполието, културен и економски центар на општината и населба со голема историја и културно наследство. Географската поставеност на Свети Николе го прави лесно достапно за сите посетители и туристи. Постојат многу легенди за ова гратче, а во него се наоѓаат цркви и камени крстови, кои биле изградени на позиции преку кои формираат крст. На територијата на денешниот град се пронајдени остатоци од средновековни и антички населби и праисториски артефакти од далечниот неолит. До 1945 година населбата го носела името Свети Никола. Во Свети Николе можат да се видат стари цркви и камени крстови во месности за кои се претпоставува дека и порано постоеле цркви. Денешната црква е изградена во последните децении од минатиот век врз темелите на старата црква од 19 век. Старата црква е вкопана под земја и датирана во далечната 1847 година. Од 2011 година е посветена на Свети Прохор Пчински, кој потекнува од Овче Поле, а „горната“ – новата црква го задржа името Свети Никола. Во старата црква се наоѓаат импресивниот олтар од 19 век и многу стари икони. Изградбата на црквата во 1847 година е поврзана со добивањето официјална дозвола за пазар и оформувањето на гратчето Свети Николе. Пред 11 години, при работни активности за заштита од влага беа откриени остатоци од ранохристијанска базилика и гробови со артефакти од четвртиот век од нашата ера. Во изминатите години беше обновен покривот на црквата, а градежните активности за заштита продолжуваат. Во Свети Николе можат да се види и црквата „Свети Стефан“, околу која се наоѓаат и денешните градски гробишта и стар бунар за кој уште се раскажуваат легенди, новоизградената црква посветена на Света Лидија Македонка и камените крстови Свети Спас и Свети Илија. Општинската установа „Народен музеј“ постои веќе неколку децении и го претставува културното наследство на Општина Свети Николе. Музејот ги содржи следните постојани поставки: археолошка, етнолошка, историска, лапидариумот, како и просторот за повремени изложби и настани. Артефактите што се наоѓаат во Музејот се датирани од праисторијата, па до минатиот век. Највпечатлива е збирката од „Билазора“, во која се изложени артефакти од античкиот локалитет дополнети со современа макета – диорама на локалитетот. Музејот се наоѓа во објект што бил изграден во далечната 1924 година и претставува официјално заштитено културно наследство. Во Свети Николе уште можат да се видат стари куќи од 19 век, остатоци од некогашните чешми и стари калдрми. Во 21 век Свети Николе располага со огромен потенцијал за економски, еколошки, научен и туристички развој.
(продолжува)
М-р Никола Ристевски
































