Ненад Шапоња и Никола Јованоски се први добитници на наградата „Столб на зборот“ на меѓународниот книжевен фестивал „Република на зборот“. Фестивалот ќе се одржи од 31 јули до 2 август оваа година во Крушево и Демир Хисар. Писателите Ненад Шапоња од Нови Сад (Србија) и Никола Јованоски од Крушево (Македонија) се наградуваат за нивниот досегашен книжевен ангажман и поетски опус. Наградата се состои во плакета и заедничка книга (избор) на македонски јазик.
Ненад Шапоња (1964, Нови Сад) е поет, есеист и книжевен критичар, чии стихови се препознатливи во современата српска поезија по стилската префинетост, херметичноста и острите метафизички увиди. Во областа на книжевната критика ги промовира постмодерната поетика и идеосинкретичкиот интерпретативен пристап кон книжевните дела, кој подразбира живеење во книжевноста. Десетина години бил критичар на весникот „Политика“, а во 2002 година ја основал издавачката куќа „Агора“, денес еден од најистакнатите српски издавачи, со единствено место во оваа област, благодарение на широките интереси и квалитетниот избор. Неговите книги се наградени со најзначајните српски поетски признанија: „Бранкова награда“ за книгата „Ѓоконда“, „Просветина награда“ за книгата „Бедекер на сомнежот“, наградата „Мирослав Мика Антиќ“ за книгата „Изгледам, значи не сум“, наградата „Мома Димиќ“ за книгата „А Брисел може лесно да се изоди“. Добитник е и на наградата „Милан Богдановиќ“ за книжевна критика.
Никола Јованоски е современ македонски поет и член на Друштвото на писателите на Македонија од 2000 година. Во текот на своето долгогодишно творештво се афирмира како автор со препознатлив поетски израз, посветен на темите на родниот крај, човековата внатрешност, традицијата и духовните вредности. Своето книжевно присуство го започнува со поетската книга „Уште нешто“ (1986), по што следуваат „Варница“ (1988) и „Забел“ (1998), дела со кои постепено го гради својот автентичен поетски свет. Во новиот милениум ги објавува поетските книги „Прошталник“ (2001), „Гостинска одаја“ (2004) и „Избор“ (2006), а потоа и „Гозба во гостинската одаја“ (2008), „Ѕвекот на ѕевгарите“ (2011) и „Клокотница“ (2015). Во 2024 година ја објавува и поетската книга „Кревки мисли“. Покрај поезијата, Јованоски се јавува и како романсиер со романот „Во пазувите на коријата“ (2017). Покрај авторската дејност, Јованоски е активно присутен и како приредувач, преведувач и истражувач на културното и историското наследство на Крушево и Крушевската Република.
































