Фото: МВР/илустрација

Петнаесетгодишник од Скопје вчера бил лишен од слобода откако, според пријава до полицијата, со остар предмет нападнал и тешко повредил свој врсник во основно училиште на подрачјето на Гази Баба.

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека малолетникот бил приведен во 14.50 часот од полициски службеници од СВР Скопје, а предметот со кој бил извршен нападот е одземен. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

Во дневниот билтен МВР информира и за повеќе други инциденти меѓу ученици во Скопје.

Основно училиште во општина Аеродром вчера околу 11.06 часот пријавило дека за време на еднодневна екскурзија во парк-шумата Гази Баба, неколку ученици биле физички нападнати од група малолетници, при што на едно дете му бил одземен личен накит.

Подоцна случајот го пријавил и родител на ученик. Според пријавата, неговиот 13-годишен син и уште двајца соученици биле нападнати додека биле на училишна екскурзија. Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во друг инцидент, 52-годишен скопјанец пријавил дека неговата малолетна ќерка била физички нападната од соученичка во дворот на основно училиште на подрачјето на Бит Пазар. Според пријавата, нападот бил снимен со мобилен телефон од друг малолетник.

МВР информира дека за случајот биле известени стручните служби во училиштето и дека по целосно расчистување ќе следуваат соодветни поднесоци.

Полицијата работи и на уште еден случај на насилство меѓу ученички. Според пријавата, малолетно девојче било физички нападнато од друга малолетничка во училишен двор во општина Аеродром. И за овој случај ќе следува соодветен поднесок по завршување на постапката.