Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (18)
Овој текст нема цел ниту да мотивира што повеќе кандидати да влезат во сферата на домашни миленици ниту, пак, да обесхрабри некого. Неговата намера е поедноставна и поважна – да ја прикаже реалноста. Зашто токму добро информираниот и подготвен кандидат има значително поголеми шанси за успех од оној што влегува воден исклучиво од ентузијазам.
Во јавниот говор, а особено на социјалните мрежи, сè почесто се среќава терминот „грумер“. Англизам што без отпор влезе во секојдневието и стана општоприфатен. Но, ако се обидеме да ја поставиме оваа професија во рамките на македонскиот институционален јазик, тогаш попрецизен и посоодветен е терминот „стилист за домашни миленици“. Разликата не е само јазична. Таа е суштинска. Зашто зборот што го користиме не само што опишува туку и формира перцепција – а перцепцијата ја гради одговорноста.
Токму затоа, не е случајно што единствениот правен субјект што ги обединува и претставува македонските професионалци во оваа област го носи називот Македонска асоцијација на стилисти за миленици и е дел од Европската груминг асоцијација – како највисоко институционално тело на европско ниво што работи на стандардизација, унапредување на професијата и, индиректно, на благосостојбата на милениците. Ова именување не е формалност, туку јасен показател за насоката во која професијата се развива.
Во последните години дејностите поврзани со домашните миленици се во изразен подем. Се отвораат салони, продавници, онлајн платформи, се нудат услуги за нега, чување, транспорт и советување. Пазарот се шири и станува сè поразновиден, а интересот кај луѓето да станат дел од оваа индустрија расте со исто темпо. На површина, ова изгледа како природна и лесна можност – работа што се темели на љубов кон животните и желба за сопствен бизнис.
Но токму тука започнува судирот помеѓу митот и реалноста.
Професиите во оваа сфера, вклучувајќи го и стилизирањето домашни миленици, не се продолжение на љубовта, туку нејзино тестирање. Како и во секоја друга струка, љубовта е почетна мотивација, но не е критериум за квалитет. Исто како што љубовта кон виното не создава добар енолог, така ни љубовта кон животните не создава добар професионалец. Потребни се знаење, дисциплина и способност за постојано учење – нешто што во пракса систематски се пренесува и надградува, и преку Туту груминг академијата, во која имаме обучено над 40 професионалци, што претставува мал регионален феномен, но истовремено и ризница на повеќе и помалку успешни искуства што јасно ја обликуваат реалната слика што ја споделувам во овој текст.
Работата со миленици бара познавање анатомија, основи од ветеринарна пракса, препознавање кожни состојби, паразити и потенцијални зоонози. Потребно е разбирање протоколи за хигиена – не само за алатите туку и за просторот и контактот со животните. Професионалецот во оваа област е и набљудувач: го следи надворешниот здравствен изглед на животното, ги препознава сигналите на стрес при капење, фенирање или кратење нокти и знае кога треба да се повлече или да препорача стручно ветеринарно мислење.
Но, истовремено, тој е и нешто повеќе – посредник меѓу сопственикот и миленикот.
Во пракса, често се среќаваат сопственици со недоволна едукација, но со силни и понекогаш несоодветни барања, кои може да бидат и на штета на здравјето на животното. Тука влегува во игра една тивка, но суштинска вештина: дипломатијата. Способноста да се објасни, да се одбие, да се насочи – без конфликт, но со јасна професионална позиција. Во таа смисла, стилистот за домашни миленици станува и едукатор.
Во моментот кога некој ќе одлучи да отвори салон или каква било услужна или трговска дејност поврзана со миленици, тој влегува во сосема друга зона – зоната на претприемаштво. Таму, љубовта и вештината се само дел од равенката. Следуваат сметководство, даноци, придонеси, правни регулативи, договори за закуп, избор на локација. Техничките аспекти на просторот стануваат клучни: водовод, одвод, вентилација, осветлување, распоред на опрема, функционалност и безбедност.
Паралелно со тоа, се отвора уште еден фронт – маркетингот. Во време на дигитална економија, присутноста на социјалните мрежи, визуелниот идентитет, брендирањето и комуникацијата со клиенти се еднакво важни како и самата услуга. Добар професионалец што не знае да се позиционира на пазарот останува невидлив. А невидливоста во бизнис значи стагнација.
Искуството покажува дека најголемите грешки не се прават во техниката, туку во процената. Потценување на инвестицијата, потценување на времето потребно за стабилизација и преценување на почетниот ентузијазам – лекции што континуирано се повторуваат и низ работата и едукацијата во рамките на Туту груминг академија.
Често слушаме: „Уморен сум од луѓе, сакам да работам со животни“. Оваа реченица е можеби најискрената, но и најпогрешната почетна позиција. Зашто реалноста е спротивна – оваа професија не ве оттурнува од луѓето, туку ве става во директен контакт со една од најпредизвикувачките категории клиенти: сопствениците на миленици или популарно кажано – „кучкарите“. Тоа е група во која емоцијата често доминира над рационалното, очекувањата се високи, а познавањето на основната нега не секогаш е на потребното ниво. Работата, всушност, станува комбинација од услуга, психологија и едукација.
Токму затоа, процесот на селекција на клиентела не е случаен, туку постепен и неопходен. На почетокот, речиси секој салон поминува низ фаза во која доаѓаат најпредизвикувачките случаи – и во однос на милениците, и во однос на нивните сопственици. Потребно е време, доследност и јасни стандарди за да се изгради здрава и одржлива клиентела.
Често се слуша: „Ќе завршам обука, па ќе почнам“. Но обуката е само вовед. Реалноста на бизнисот започнува потоа – со инвестиции што во првата година надминуваат десетина илјади евра, со неизвесност и со потреба од трпение. Нема простор за импровизација, бидејќи станува збор за работа со живи суштества и со доверба што тешко се гради, а лесно се губи.
Оттука, станува јасно дека стилистот за домашни миленици не е ниту романтична ниту едноставна професија. Тоа е спој на знаење, карактер, претприемаштво и комуникација. Професија што бара континуирано учење и самоконтрола, но и способност да се носат одлуки што не се секогаш популарни, но се правилни.
И можеби токму затоа изборот на зборот не е неважен. Зашто „грумер“ може да звучи модерно и лесно, но „стилист за домашни миленици“ ја носи тежината на значењето.
А тежината, како и секогаш, е таму каде што започнува вистинската професионалност.
Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците
































