ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар
  • Зошто се зафатив со ова хроничарско „иследување“ и зошто го сметам за важно? Приказната за болницата не е само поради еден датум. Тоа е приказна за помладиве генерации, а и најголемиот дел од вработените барем површно да се запознаат како своевремено се создавале важни институции, дека преку своето повеќедецениско постоење тие станале дел и од колективната меморија и треба да се паметат барем покруцијалните настани, дека пред или зад секоја историја на еден настан, институција, семејство, објекти и слично стоеле луѓе, ликови што преку својата посветеност во работата создавале историја и го понеле ореолот на заслугата, кој не треба да им се симне преку заборавот. Ова не е само една од неколкуте приказни за една институција и за еден датум. Во следните продолженија ќе се посветам и на ликовите што сè уште се дел од демирхисарската и невропсихијатриската меморија на Демир Хисар и на Македонија. Историјата не е секогаш во документите. Понекогаш е во фотографиите. Во сеќавањата. Во тоа што луѓето го пренесуваат

Овие текстови претставуваат документарно-истражувачки обид за реконструкција на дел од историјата на една од најстарите јавно-здравствени институции во Македонија и една од најстарите што сè уште опстојува во Демир Хисар, Психијатриската болница, и се базирани врз архивски материјали и компаративни истражувања, автентични фотографии од личности, настани и објекти, спомени на поранешни работници, како и лични спомени и сеќавања.

Како започна овој историски преглед?

Понекогаш, најголемите прашања не доаѓаат од големи откритија, туку од мали сомнежи и неочекувани „нелогичности“. Оваа сторија започна токму така – со едно едноставно прашање: дали навистина се знае кога е основана Психијатриската болница во Демир Хисар?
На прв поглед, одговорот изгледа јасен. Постои документ? Да – Решение на Извршниот совет на НРМ бр. 157 за прогласување на Болницата за душевни болести во Демир Хисар – Битолска околија за установа со сопствено финансирање. Постои датум? Да – 18 јули 1956 година. Постоел ли некаков орган на управување? Да – постоел Управен одбор од седум до девет члена. Дали болницата имала управител? Да. Управниот одбор што го именувал републичкиот Совет за народно здравје од своите редови избирал управник. Се знае ли кој бил првиот управник на болницата? Да, се знае – Нове Велјановски од селото Ракитница. Се знае ли кој бил неготинецот Миле Наумовски? Се знае. Се знае ли кога бил вработен првиот лекар? Да, се знае. А дали се знае кој бил тој? И тоа се знае, но да не ги откривам на самиов почеток сите детали. Коректно е да кажам дека при мојата потрага по информации за болницата од големо значење ми беше извесна фотофактографија што службено ми беше обезбедена и ставена на располагање од поранешната директорка Ивана Кочовска и од болничката библиотерапевтка Лилјана Талевска, како произлез од заедничка средба и разговор на оваа тема и за мојата намера, а дел од, исто така, релевантната документација обезбедив самостојно трагајќи и копајќи по најразлични, исто така, релевантни извори. Но кога ќе почнете да истражувате малку подлабоко, кога ќе почнете да разговарате со луѓе, да разгледувате фотографии, да читате меѓу редови – тогаш се појавуваат и се откриваат нови моменти – преку (под)заборавени, а важни и заслужни личности, преку настани засведочени низ окуларот на филмските фотоапарати, па и преку личните спомени од пред повеќе од 60 години.
А сомнежот речиси секогаш е присутен и спонтано се јавува штом почнеш подлабоко да навлегуваш во „материјата“ и кон задачата што без никакво задолжение сам си ја задал и особено ако ја самозадаваш како вистинско истражување и лична сатисфакција. Со текот на времето, тој сомнеж прерасна во сериозна истражувачка работа. Се појавија фотографии, записи, визуелни траги што не се вклопуваат во официјалната верзија. Податоци што со децении стоеле настрана, како да не припаѓаат во „службената приказна“. Одлуката тие да се објават не беше воопшто лесна и ми потроши многу време, многу колебања, откажувања, па премислувања и најпосле – одлука, тоа што се открило да се сподели со пошироката јавност. Не затоа што новите и речиси воопшто непознати факти се контроверзни, туку затоа што не биле познати и отвораат прашања. Но оние што професионално се занимаваат со историја, со право ќе речат: ако нешто заслужува да биде раскажано точно – тоа е историјата.

Како се создавала психијатријата во Македонија?

За да се разбере приказната за оваа болница, морав да се вратам неколку децении наназад. По Втората светска војна, Македонија практично почнува од почеток во многу области, особено во здравството. Недостигаат лекари, недостигаат институции, недостига систем. Во такви услови, се појавува проф. д-р Божидар Никетиќ од Сремска Каменица, Општина Сремски Карловци (сегашна Србија), претседател на Сојузот на лекарските друштва на Југославија и претседател на Здружението на невропсихијатрите на Југославија, во два мандата декан на Медицинскиот факултет во Скопје – човек со визија. Тој доаѓа во Скопје во 1947 година и не започнува само да лекува. Започнува да гради. Да организира. Да создава систем таму каде што претходно го немало.
Под негово водство се формира Клиниката за нервни и душевни болести во Скопје, се создаваат првите специјалисти, се поставуваат темелите на модерната психијатрија. Но тој оди чекор понатаму – сака психијатријата да не биде концентрирана само во Скопје, туку да се развива низ целата држава.
И тука како идеја се раѓа Демир Хисар со логично потпрашање: Зошто токму Демир Хисар? Ако денес го поставиме ова прашање, одговорот можеби не е очигледен, но во 50-тите години – бил очигледен. Демир Хисар е мирен, изолиран регион, со специфична клима, специфична природа. Во тоа време, тоа се сметало за идеално за лекување психијатриски пациенти. Во раната психијатрија (особено во Европа), силно влијание имал концептот дека околината лекува. Затоа установите се граделе надвор од градови, во планински или рурални средини, со многу зеленило, сонце и чист воздух (Шварцвалд, Германија, алпски санаториуми во Швајцарија и сл.) Идејата била изолација плус природа е еднакво на смирување на психата.
Но има и нешто подлабоко. Во народната меморија, овој регион одамна бил поврзан со лекување на „душата“. Манастирот „Св. Јован Претеча“ во Слепче со векови бил место каде што луѓето барале спас од душевни маки. Се верувало дека водите од манастирот лекуваат. Дали тоа било медицина? Не, во денешна смисла. Но било верба. А вербата секогаш е првиот чекор кон лекувањето на секоја болест. Кога подоцна државата гради болница (1950/51 г.) токму тука, во Демир Хисар, тоа не е случајност. Тоа е премин – од традиција кон наука.

д-р Драгољуб Христовски

Вистината е во документите

Според сите достапни документи, болницата е основана во 1956 година. Тоа е запишано. Тоа се повторува во сите документи. Тоа го учат студентите. Но истражувањето тука не завршува. Всушност, тука започнува. Се појавуваат фотографии што ја отвораат вистинската приказна! Клучниот момент во ова истражување доаѓа со фотографиите. Не било до архивските документи, до службените весници, до службените записници. Клучната дилема ја расветлуваат фотографиите, и тоа не една, не две-три, многу фотографии од еден голем настан во 1975 г. кога болницата одбележува јубилеј од 25 години постоење – помпезна свеченост под водство на ненадминатиот по авторитет и стручност, директорот д-р Драгољуб Христовски. Ден за славење на четвртвековно постоење и свечено предавање во употреба на новоизградената болничка лабораторија што ја раководеше Романецот д-р Трајан Димитру Павел Енаќе, специјалист по цитопатологија.
На сценското платно од големата фискултурна сала јасно и недвосмислено стојат логото на болницата Ψ (пси-душа, ум, од старогрчки ψυχή“ – психе) и текстот „Душевна болница Демир Хисар 1952–1977“. Ова не е случаен натпис. Ова е направено од самата институција. На фотоалбумот, како прва и насловна страница, како своевиден изложбен панел пишува: „Болницата е формирана 1952 год.“. Говорат директорот д-р Драгољуб Христовски, Миле Секуловски, претседател на Работничкиот совет, проф. д-р Петар Фалдишевски, директор на Нервната клиника во Скопје – пред целиот работнички совет, локалниот политички естаблишмент на чело со претседателот на Собранието на Општина Демир Хисар, Славе Мицковски. Во салата се присутни лекари, раководители, стручњаци и поголем дел од вработените. И никој не може да го оспори овој повеќе од факт фотографски документ што „замрзнал“ многу важен детаљ од историјата на Психијатриската болница во Демир Хисар, но и за психијатријата во цела земја. Ниту се оспорува, ниту преку денешните современи ИТ-алатки може да се промени, прекреира и оспори.

Паралелни вистини на една институција

Што значи ова? Ова значи дека болницата самата себеси се сметала за основана во 1952 година. Не од некој поединец. Не од нечија и некаква грешка. Туку – институционално од државата. Две вистини – и двете точни? Тука дојдов до една суштина. Постојат две години: 1952 година за која не постои никаков релевантен основачки акт и 1956 година за која има службена објава, Решение на Извршниот совет на НРМ потпишана од претседателот Љупчо Арсов од јуни 1956 г. Дали едната е погрешна? Не. Многу е поверојатно дека: 1) 1952 е почетокот на реалното функционирање и 2) 1956 е моментот на формалното признавање.
Значи, разликата е во следново, да се послужам со правно-политички жаргон: „де факто“ почеток, „де јуре“ основање. Значи, можно е: одлуката да била донесена подоцна, документацијата да била формализирана со задоцнување или дел од архивата да не е зачуван. Со други зборови, системот ја „регистрирал“ болницата во 1956 година, но таа веќе работела. Ова прашање нема еден одговор. Но има неколку логични објаснувања: можеби болницата почнала како привремено решение, можеби била дел од друга институција, можеби едноставно системот доцнел. Во 50-тите години на минатиот век, тоа не било реткост. Реалноста често била побрза од администрацијата (како и денес).
Гледано од денешен агол, мора да бидеме согласни дека, без оглед што низ изминативе повеќе од 70 години болницата преживеала разно-разни турбулентни времиња, кои периодично ги дефокусирале нејзината примарна цел и постоење, не смее да се пренебрегне нејзиното не само медицинско значење. За да се разбере тежината на овие прашања, треба да се разбере што значи оваа институција – изминатите години, сега и во иднина. Психијатриската болница во Демир Хисар не е само место за лекување. Таа од основањето е работодавец за стотици семејства, економски столб на градот што вработува најголем број лица од најразлични профили и 90 отсто со место на живеење во Демир Хисар, своевиден двигател на локалниот развој и дел од идентитетот на заедницата. Во многу аспекти, таа е невидлив мотор што го движи животот во регионот.
Зошто се зафатив со ова хроничарско „иследување“ и зошто го сметам за важно? Приказната за болницата не е само зпоради еден датум. Тоа е приказна за помладиве генерации, а и најголемиот дел од вработените барем површно да се запознаат како своевремено се создавале важни институции, дека преку своето повеќедецениско постоење тие станале дел и од колективната меморија и треба да се паметат барем покруцијалните настани, дека пред или зад секоја историја на еден настан, институција, семејство, објекти и сл. стоеле луѓе, ликови што преку својата посветеност во работата создавале историја и го понеле ореолот на заслугата, кој не треба да им се симне преку заборавот. Ова не е само една од неколкуте приказни за една институција и за еден датум. Во следните продолженија ќе се посветам и на ликовите што сè уште се дел од демирхисарската и невропсихијатриската меморија на Демир Хисар и на Македонија. Историјата не е секогаш во документите. Понекогаш е во фотографиите. Во сеќавањата. Во тоа што луѓето го пренесуваат.
Ова е само првиот дел. Овој историски преглед не завршува тука и сега. Напротив – ова е само почеток. Сè со една цел: да се раскаже целосната приказна за повеќе од седум децении постоење на Психијатриската болница во Демир Хисар. Затоа што некои приказни не смеат да останат недораскажани.

Пишува: Благоја Шундовски

(продолжува)