Бојана Артиновска, уметница
Бојана Артиновска е визуелна уметница од Велес, која живее и работи во Битола. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот сликарство и сценографија. Од 2000 до 2003 година престојувала во САД, по што активно твори на македонската уметничка сцена. Во својата работа се занимава со сликарство, сценографија, дизајн и театарска визуализација, со долгогодишна соработка со НУЦК „Марко Цепенков“ и повеќе театарски работилници. Има реализирано голем број групни настани и девет самостојни изложби. Нејзината најнова изложба „Оган“ (2026), отворена неодамна во Прилеп, е дел од циклусот инспириран од основните елементи.
Што опфаќа циклусот „Оган“, со кој се претставивте во Прилеп?
– „Оган“ за мене не е само тема туку и состојба низ која поминувам.
Тој е повик кон будење, кон соочување со сопствената сила, но и со сопствените стравови. Тоа е патување од надворешното кон внатрешното, од видливото кон она што се чувствува, од формата кон суштината. Овој циклус се создаваше речиси две години и беше длабоко личен процес, исполнет со прашања, отпор, прифаќање и трансформација. Имаше моменти кога огнот го чувствував како сила што ме води, но и моменти кога ме соочуваше со сопствени граници. Не го сликам огнот како форма, туку го живеам како искуство, како согорување на старото, како прочистување, но и како раѓање нова сила од пепелта. Во тој процес учев да се препуштам, да не контролирам, туку да дозволам делото да се случи низ мене. Ова е циклус за будење, за храброст, за доверба во процесот и за дозвола да се биде автентичен, без страв од сопствената светлина.
Дали може да се рече дека овој циклус е продолжение на претходните?
– Да, ова е природно продолжение на моето истражување на елементите. Земјата ме научи на стабилност и потпора, ми даде чувство на заземјеност и сигурност. Водата ме отвори кон емоциите, ме научи да тече низ мене животот без отпор. А оганот дојде како движење, како сила што оттурнува, што бара храброст, што ме соочува со стравовите и ме води кон препознавање на сопствената моќ. Секој елемент ме подготвува за следниот, не само како уметник туку и како човек. Тие не се одвоени фази, туку еден ист процес што се продлабочува.Ова не е нова приказна, туку продлабочување, движење од материјалното кон енергетското, од формата кон искрата, од надворешното кон она што тивко се случува внатре. Со секој нов циклус се доближувам чекор повеќе до суштината, и на уметноста, и на себе.
Вие сте уметница што сака да експериментира. На што се должи тој порив?
– Тоа е внатрешен немир што не ми дозволува да застанам, но и љубов кон процесот на откривање. Кога нешто ќе стане познато, чувствувам дека треба да одам понатаму. Во тоа има и нешто многу детско, љубопитност што не мирува, што сака да истражува, да допре, да види што има зад следниот чекор. Експериментот за мене не е само техника туку и состојба на доверба и отвореност. Да влезеш во процес без да знаеш како ќе заврши, да си дозволиш да не знаеш, да се изгубиш за да откриеш нешто ново. Во овој циклус тоа беше особено изразено. Морав да се откажам од контролата и однапред замислените решенија. Наместо јас да го водам делото, дозволував процесот да ме води мене. Токму во тој простор помеѓу сигурното и непознатото, помеѓу знаењето и љубопитноста, се раѓа најискреното. Таму уметноста не е повторување, туку живо искуство.
Што е тоа што ве поттикнува да бидете секогаш различна, а сепак препознатлива?
– Не се обидувам да бидам различна. Се обидувам да бидам искрена. Формата природно се менува, бојата, текстурата, пристапот, но она што останува е внатрешниот извор од кој доаѓа делото. Кога создавањето произлегува од вистинско место, тогаш, без разлика на промените, делото го носи истиот енергетски потпис. Мислам дека токму таа искреност е она што создава препознатливост.
Секој уметник е творец. Што значи да се создава?
– Долго време мислев дека создавам. Денес знам дека тоа е само дел од вистината. Пред да започнам ново дело, застанувам во тишина и свесно се поврзувам со енергијата на елементот. Со огнот, тоа беше длабоко поврзување преку соларниот плексус, преку дишење, медитација, преку обид да ја почувствувам таа внатрешна топлина како волја и светлина. Во тој процес постепено се случува едно ослободување. Идејата дека јас го создавам делото почнува да се распаѓа. Кога ќе престанам да контролирам, тогаш делото почнува да живее. Наместо да го водам, дозволувам да се случи. Секако, има и отпор, и страв, и замор, но и моменти на јасност, како да се расчистува нешто внатре. И токму таму, во тоа препуштање, се раѓа вистинската сила на делото.
Работите во различни области – сценографија, костимографија, перформанс… Што ве води?
– За мене нема јасна граница помеѓу различните форми на израз. Сè што правам доаѓа од ист извор. Без разлика дали работам слика, сценографија, костим или перформанс, јас всушност работам со енергија, со атмосфера, со чувство. Формата се менува, но намерата останува иста, да се создаде доживување, да се раздвижи нешто во човекот. Перформансот ми овозможува процесот да стане видлив, да се сподели во живо, да се почувствува во моментот. Таму уметноста не е само нешто што се гледа туку и нешто што се живее. Во тој момент се појавува и нешто многу важно за мене, енергијата на другите луѓе. Присуството на публиката не е пасивно, туку активно, таа станува дел од процесот. Се создава еден вид на кокреација, каде што делото не постои само во мене туку и се раѓа помеѓу нас.
И на крај, што е уметноста за вас? Се ценат ли уметниците денес?
– Уметноста е простор на вистина, место каде што можеш да го почувствуваш она што не може лесно да се изговори. Таа е и лек, и прашање, и огледало. Таа има тивка, но длабока моќ да ја менува енергијата, во просторот, но и во човекот. Не наметливо, туку постепено и длабоко, отворајќи простор за внатрешна промена. Што се однесува до поддршката, таа секогаш може да биде поголема. Но уметникот создава и кога нема услови, затоа што тоа е потреба, не избор. Мене ми е најважно делото да допре, да раздвижи нешто и да постави прашање. Тоа е и мојата намера со оваа изложба, да не остане само визуелно искуство, туку да стане внатрешен жар што тивко се буди во човекот. Ако барем еден посетител се запраша „Кој е мојот внатрешен оган?“, тогаш уметноста веќе се случила. Преку уметноста ја споделувам и сопствената енергија. Тоа го чувствувам како повик и внатрешна потреба, како начин на кој придонесувам кон нешто поголемо, кон еден посветол и посвесен свет. И покрај сета длабочина, за мене уметноста е и најубавата игра. Потсетник дека животот не е само сериозност туку и простор за истражување, слобода и радост. На крајот на денот, токму во таа игра се раѓа најискреното.
































