Фото: МИА

Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, денеска изјави дека нема простор за паника во врска со хантавирусот и дека во моментов не постои ризик за македонските граѓани.

Таа посочи дека Секторот за епидемиологија при ИЈЗ е во секојдневна комуникација со Светска здравствена организација и Европскиот центар за контрола на болести, од каде постојано се добиваат информации и насоки за евентуално преземање мерки, пренесе МИА.

Андоновска нагласи дека хантавирусот не е нов вирус и дека постојат два негови типа – европско-азиски, кој предизвикува бубрежни симптоми, и американски, кој дава респираторна симптоматологија и е откриен кај случаите на крузерот „МВ Хондиус“ во Атлантскиот Океан.

 – Граѓаните можат да бидат спокојни, бидејќи добивме информација од СЗО дека на бродот нема македонски државјани, ниту патници, ниту членови на екипажот – изјави Андоновска.

Таа препорача одржување високо ниво на хигиена и внимателност при консумирање храна што била складирана во магацини или изложена на места каде што може да има присуство на глодари. Дополнително, ИЈЗ препорачува редовна дератизација што општините треба да ја спроведуваат двапати годишно.

Потенцира дека првиот тип хантавирус бил дијагностициран во Македонија во 2015 година и досега имало 32 случаи од кои тројца починале.

– Пред 2015 година немало можност за докажување на хантавирусот. Од 2015 година во ИЈЗ постои можност да негово дијагностицирање. Во 2018 година имаше епидемија од хантавирусот на едно бачило во гостиварско каде практично луѓето кои биле таму се заразиле од глодари. Овој кој веќе сме го имале во Македонија се пренесува само од глодар на човек и не се пренесува од човек на човек и симптоматологијата му е различна од оној кој е детектиран на крузерот. Располагаме со целосна опрема, кадар и реагенси за натамошно постапување, но не веруваме дека ќе дојде до такво нешто – истакна Андоновска.

ИЈЗ, појасни Андоновска, е подготвен со протоколи доколку има потреба од каква било реакција, а воедно ги поседува потребните реагенси, опрема, кадар, методологија за дијагностика ако има потреба.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека ова не е ковид.

– Ковидот беше нешто ново, а овој вирус веќе постои и имаме сознанија за него. Една од варијантитите веќе сме ја имале во државата и не се пренесува така брзо. Дури и респираторниот, кој е докажан на крузерот се пренесува како првиот од глодар на човек, но постои можност за пренос од човек на човек. Ние немаме информации дали станува збор за некаква мутација која е надвор од тоа што го има во книгите, но веруваме дека ситуацијата ќе биде нормализирана – додаде Андоновска.

Холандска брачна двојка и германски државјанин починаа од хантавирус на бродот „МВ Хондиус“ кој плови во Атлантикот. Потврдени се вкупно пет случаи на зараза со вирусот на бродот, а постојат уште три сомнителни случаи – соопшти Светската здравствена организација (СЗО).