Фото: Пиксабеј

Автор: Зорица Милошевска, дерматовенеролог

Во периодот по завршување на летните одмори, на кожата ѝ е потребна посебна нега, особено по изложувањето на штетното дејство на сончевите зраци. За нега на кожата потребно е да се користат препарати за хидрирање, ексфолијација… За кожата на телото потребно е да се користат маслени купки, хидратантни лосиони и балсами… За побрза ексфолијација се препорачуваат и препарати со уреа.
Посебен акцент ставаме на негата на кожата на лицето. Потребно е да се користат хидратантни серуми збогатени со хијалуронска киселина. Она што претставува најголем проблем, особено за женската популација, се последователните хиперпигментации, или таканаречените флеки од сонце. За таа цел треба да се користат ноќни antipigment серуми и креми, како и дневни antipigment креми со висок заштитен фактор – SPF 50+.
Ние, дерматолозите, препорачуваме овие креми со SPF да се користат во текот на целата година. Не само како превенција од појава на хиперпигментации, туку и како третман против прерано стареење на кожата на лицето (anti-aging).
Она што е уште поважно и со многу поголема тежина е улогата на заштитниот фактор (фотопротекцијата) во заштитата на кожата од кожни карциноми и појава на меланом на кожа.
Малигниот меланом на кожа е најопасниот од сите карциноми на кожа и е со најголема смртност.
Меланомот е третиот најчест тип на рак на кожа (после базоцелуларниот и планоцелуларниот – сквамозен карцином на кожа).
Најчест причинител се ултравиолетовите (УВ) зраци, односно прекумерното сончање, како и користењето солариум. Оттука и потребата за превенција, односно фотозаштита преку редовно и правилно користење соодветен заштитен фактор од сонце.
Во зависност од типот на кожата, луѓето можат полесно или потешко да потемнуваат или да добијат изгореници од сонце. Дополнителна улога има и времето на изложеност на ултравиолетово зрачење.
Одредена популација е со повисок ризик да добие рак на кожа во текот на животот. Тоа се лицата со посветла кожа, лицата со пеги, оние кои полесно добиваат изгореници од сонце (полесно „горат“), а потешко потемнуваат, лицата со светли очи (сини или зелени), руса или црвена коса.
Со повисок ризик се и лицата со поголем број бенки, карактеристични бенки, позитивна фамилијарна анамнеза за рак на кожа (историја во семејството за рак на кожа), како и лична историја за рак на кожата.
Без оглед на тоа дали има или нема некои од горенаведените фактори на ризик, секој треба правилно да ја ограничи изложеноста на ултравиолетовото зрачење од сонцето, со цел да се сочува здравјето на кожата и да се намали ризикот од рак на кожа.
За таа цел, задолжително е користењето фотопротектори, т.е. заштитни фактори од сонце, во текот на целата година, со посебен акцент во текот на летниот период и летните одмори.
Заштитните фактори од сонце треба да бидат правилно одбрани и правилно користени, согласно упатствата од вашиот дерматолог.
Правилната нега и превенција, како и редовните контроли кај дерматолог, се патот до здрава и негувана кожа.