Фото: ЕПА

Осврт кон анализата на шведскиот аналитичар Ларс Берн во врска со членувањето на Шведска во Северноатлантската алијанса

  • Во еден голем систем како што е НАТО одлуките за стратегија и интервенции често се носат надвор од доменот на помалите земји. Тоа, според резонот на шведскиот аналитичар Ларс Берн, го отвора прашањето и дали тие помали држави добиваат безбедносни гаранции или, пак, стануваат дел од геополитички игри во кои нивната улога е секундарна. Според оваа перспектива, членството може да значи и индиректно учество во конфликти што не произлегуваат од сопствените национални интереси!

Со пристапувањето кон НАТО во март 2024 година, Шведска ѝ стави крај на повеќедецениската политика на воена неутралност. Овој чекор беше претставен како неопходен одговор на влошената безбедносна состојба во Европа, особено по заострувањето на односите со Русија.
Но, зад официјалната реторика за „засилена безбедност“ се отвори сериозна дебата: дали влезот во Алијансата ја зајакнува позицијата на Шведска или ја менува нејзината улога од периферен набљудувач во потенцијална цел?

НАТО ја зголемува изложеноста на секоја земја членка

Шведскиот аналитичар Ларс Берн тврди дека токму членството во НАТО ја зголемува изложеноста на земјата. Неговата теза се базира на претпоставката дека секоја интеграција во воен блок автоматски ја позиционира државата во рамките на потенцијален конфликт.
Особено проблематичен, според ова гледиште, е договорот со Соединетите Американски Држави што овозможува воено присуство и логистичка инфраструктура на шведска територија. Во случај на директна конфронтација меѓу НАТО и Русија, овие објекти би можеле да станат легитимни воени цели.
Оваа аргументација ја следи класичната стратегиска логика, односно дека таму каде што има воена инфраструктура има и воен ризик.
Малите држави во големи сојузи

Клучната дилема што произлегува од ваквите ставови е позицијата на помалите држави во рамките на големите воени сојузи. Критичарите на НАТО укажуваат дека, иако формално сите членки се еднакви, реалната моќ е концентрирана кај неколку водечки сили.
Во таков систем одлуките за стратегија и интервенции често се носат надвор од доменот на помалите земји. Тоа, според резонот на шведскиот аналитичар Ларс Берн, го отвора прашањето и дали тие помали држави добиваат безбедносни гаранции или, пак, стануваат дел од геополитички игри во кои нивната улога е секундарна.
Според оваа перспектива, членството може да значи и индиректно учество во конфликти што не произлегуваат од сопствените национални интереси!

НАТО како геополитички проект

Една од порадикалните критики е дека НАТО не е само одбранбен сојуз туку и инструмент на поширока западна стратегија. Во ова толкување, Алијансата се поврзува со концепти како униполарност, глобализација и политичка хегемонија.
Според ова гледиште, проширувањето на НАТО претставува начин за консолидирање на политичко-воен простор под влијание на Вашингтон и Брисел. Државите што се приклучуваат не само што добиваат заштита туку и се вклучуваат во систем на вредности, политики и безбедносни приоритети што не секогаш се целосно усогласени со нивните национални специфики.
Оваа теза се разбира дека е оспорена од официјалните претставници на Алијансата, кои инсистираат дека „членството е доброволно и базирано на суверена одлука“ на земјите членки. Имено, поддржувачите на членството во НАТО нудат сосема спротивен пристап на опсервација. Според нив, присуството на американски и сојузнички сили во Шведска не ја зголемува опасноста, туку ја намалува веројатноста за напад.
– Логиката на одвраќање е јасна. Потенцијалниот противник ќе се воздржи од агресија ако знае дека ќе се соочи со колективен одговор од целиот сојуз. Во тој контекст, Шведска не е поранлива, туку е дел од поголем безбедносен штит – велат противниците на тезата на шведскиот аналитичар Ларс Берн.

Милитаризација или модернизација?

Прашањето за зголемените воени капацитети, вклучувајќи го и развојот на извидувачки сателити, дополнително ја продлабочува дебатата. За шведската влада, тоа е рационален чекор кон модернизација и технолошка независност.
Критичарите, пак, гледаат постепена милитаризација и напуштање на традиционалната улога на Шведска како неутрален посредник во меѓународните односи.
Иако некои од критиките сугерираат дека малите држави се „вовлечени“ во геополитички проекти, случајот на Шведска покажува покомплексна слика. Одлуката за членство беше резултат на внатрешен политички процес и промена на јавното мислење. Тоа значи дека не станува збор само за надворешен притисок туку и за перцепција на закана и потреба од нови безбедносни гаранции.

Две страни на медалот

Дебатата околу членството на Шведска во НАТО не може да се сведе на едноставно „да“ или „не“. Наместо тоа, станува збор за трансформација на ризикот. Од една страна, земјата добива колективна заштита и пристап до напредни воени капацитети. Од друга страна, станува дел од поширока стратегиска конфронтација, со сите потенцијални последици што ги носи тоа.
Изјавите на аналитичари како реномираниот шведски аналитичар Ларс Берн, кој излезе на шведската телевизија, ја нагласуваат токму таа втора димензија, имено „цената што се плаќа за интеграцијата во глобалните безбедносни структури“.
Но конечната оцена ќе зависи од тоа како ќе се развиваат односите меѓу големите сили и дали логиката на одвраќање во новата констелација на геополитички односи ќе продолжи да функционира или ќе биде доведена во прашање.

Р.С.