Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Ацо Ристов очекува до крајот на годинава да завршат сите процедури што ќе овозможат производителите на електрична енергија од обновливи извори од почетокот на следната година непречено да учествуваат на европскиот обединет пазар, пренесе МИА.
– Како Регулатор секојдневно работиме на правната регулатива за поврзување на македонскиот пазар на електрична енергија со европскиот пазар. И техничките и правните процедури засега се движат во добра насока, особено по донесувањето на новиот Закон за енергетика – изјави Ристов на денешната средба со новинарите во РКЕ.
Тој појасни дека во тек е усогласување и доработка на сите неопходни акти за операторите, дистрибутерите и останатите учесници на пазарот.
– Очекуваме до крајот на годинава да ја завршиме домашната задача поврзана со сертификацијата и раздвојувањето на обновливите извори од производството базирано на фосилни горива. Тоа ќе им овозможи на домашните и странските инвеститори следната година да станат дел од европскиот обединет пазар – нагласи Ристов.
Според него, производителите на електрична енергија од обновливи извори во моментов се соочуваат со проблеми при пласманот на произведената струја на европските пазари.
– Во изминатите години имаше хиперпродукција во изградбата на централи, додека правната регулатива не успеа да го следи тој процес со исто темпо. Ќе направиме сè што е во наша можност за да им помогнеме на производителите што побрзо да станат дел од европскиот пазар – рече Ристов.
Тој додаде дека сертификацијата и верификацијата на производството се во надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање, а не на РКЕ.
































