Фото: МИА

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека државата има потенцијал да стане регионален центар за нови технологии, логистика, напредно производство и дигитални услуги, обраќајќи се на Германско-македонскиот бизнис-самит организиран од АХК  Македонија во Скопје.

– Имаме млади, талентирани и амбициозни луѓе, имаме стратешка географска позиција и потенцијал да изградиме модерна и конкурентна економија – истакна Мицкоски.

Тој нагласи дека задачата на Владата е тој потенцијал да се претвори во реален економски раст преку политики што ќе поттикнат иновации, стартап-екосистем, истражување и развој, како и поврзување меѓу универзитетите и индустријата.

Според премиерот, германските компании не се само инвеститори, туку партнери во трансформацијата на македонската економија.

– Ова партнерство не е само економска соработка, туку заедничка визија за иднината – порача Мицкоски.

Тој оцени дека дигиталната трансформација повеќе не е избор, туку национален приоритет, имајќи предвид дека современата економска моќ се темели на знаење, иновации, технологија и способност за брза адаптација.

– Нашата цел е јасна – да изградиме модерна, ефикасна и конкурентна економија интегрирана во европските синџири на вредности – изјави премиерот.

Мицкоски нагласи дека Владата работи на намалување на административните бариери, дигитализација на услугите и модернизација на инфраструктурата, но и на создавање услови за развој на паметни фабрики, автоматизација, вештачка интелигенција и зелени технологии.

Во обраќањето посебен акцент стави и на младите, посочувајќи дека целта е тие својата иднина да ја градат дома.

– Сакаме младите инженери, програмери, иноватори и претприемачи да имаат можност да создаваат во Македонија, во економија што го вреднува знаењето и талентот – рече Мицкоски.

Премиерот оцени дека партнерството со германската економија е исклучително важно во процесот на технолошка и индустриска трансформација, особено во услови на глобални економски и геополитички предизвици.

– Нашата порака е јасна: сакаме да бидеме сигурен партнер, стабилна економија и држава што ги поддржува иновациите, технологијата и претприемаштвото – порача Мицкоски.