Вредна политичка порака и повик на евроамбасадорот Рокас за „прекин на разединетоста на политичкиот спектар“!
- Потребни се поголем прагматизам, одлучност и обединување на политичкиот спектар. Со оваа реченица Михалис Рокас практично ја испорача најточната дијагноза за состојбата во нашата држава, како и „политичка терапија“ за раст и развој. Малку кој би се осмелил да оспори дека на земјава ѝ недостига токму тоа: минимум од политичка кохезија за клучните државни прашања
- Но токму таму каде што пораката на Рокас звучи најсилно, таа суштински – потфрла. Зашто, ако „обединувањето“ повторно значи исто што значеше и во изминатите две децении – со сила однадвор да се групира и усогласува политичкиот спектар во земјава околу однапред дефинирани и наметнати ултимативни обврски, тогаш тоа не е визија, туку веќе виден модел. Во испратената порака на Рокас препознатлива е исправна намера, но за жал, во добро спакуваната форма, содржината и суштината за нас се длабоко проблематични…
Веднаш на почеток на оваа редакциска опсервација не би било политички фер, доколку не се искажат пофални зборови за амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, кој истакна дека „потребни се поголем прагматизам, одлучност и обединување на политичкиот спектар“, обраќајќи се на конференцијата организирана по повод 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Македонија и ЕУ и 25-годишнината од Договорот за стабилизација и асоцијација. Формата на неговата порака е беспрекорна. Дури и охрабрувачка. Кој би бил против обединување за иднината?
– Но, навистина останува едно големо но, бидејќи токму таму каде што пораката на Рокас звучи најсилно, таа суштински потфрла. Затоа што ако „обединувањето“ повторно значи исто што значеше и во изминатите две децении, а тоа е дека „со сила однадвор да се групира политичкиот спектар околу однапред дефинирани и наметнати ултимативни обврски“, тогаш тоа не е визија, туку веќе виден модел – ја започнуваат својата експликација напите соговорници, професори и аналитичари кои активно учествуваат во редакциските дебати и проширени колегиуми.
– ЕУ нема да дозволи да има црни дупки на европскиот континент – порача Рокас.
Но, од нашите дискусии и анализи, прашањето што останува отворено гласи – дали Македонија треба да се интегрира како стабилна и јасно дефинирана унитарна држава, или како постојано променлива конструкција и аморфна маса што се прилагодува и ремоделира во движење, на патот кон ЕУ?
Затоа што, ако обединувањето се сведува на тоа политичките елити повторно да се усогласат околу нешто што граѓаните не го чувствуваат како свој консензус, тогаш проблемот не е во недостигот на единство, туку во неговата содржина опфатена во пораката на Рокас! И токму таму, повикот на Рокас што на прв поглед звучи како државнички, ризикува да се претвори во уште една добро спакувана, но суштински (содржински) промашена порака.
Кога „повикот за единство“ доаѓа со „фусноти“
Повикот на Михалис Рокас за политичко обединување во нашата земја на прв поглед изгледа како банална вистина. Дека „без консензус нема напредок“. Но, проблемот е што во македонски услови, ваквите повици ретко доаѓаат „чисти“, велат нашите соговорници, интелектуалци и универзитетски професори.
– Што значи тоа дека ваквите повици ретко доаѓаат „чисти“? Тоа значи дека тие најчесто носат невидлива агенда. Не обединување околу визија, туку околу веќе дефинирани обврски! И токму тука започнува иронијата. Се бара единство, но не за да се утврди национална позиција, туку за да се прифати туѓо темпо и туѓа рамка – предупредуваат нашите соработници.
Тие упатуваат на уште една забележлива појава во македонската политика, во носењето крупни одлуки без општествен консензус.
– Ако постои нешто во кое македонските политички елити навистина се обединуваат, тоа е способноста да носат крупни одлуки без вистински општествен консензус… Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот договор, Договор за добрососедство со Бугарија… секој од овие нив беше проследен со истиот аргумент: ова е неопходно за иднината. Но, иднината постојано се одложува, а државата постојано се преиспишува – истакнуваат соговорниците.
Македонија има потреба од политичко обединување, но не како автоматски одговор на надворешни очекувања
Повикот на Рокас ја погодува формата, но ја промашува суштината.
– Да, Македонија има проблем со политичка разединетост. Но уште поголем проблем е што кога се обединува, тоа често го прави без јасно дефинирана национална платформа. Обединување без принципи не е приказ на сила. Тоа е празна форма што лесно се исполнува со туѓи содржини – велат соговорниците.
Тие додаваат дека Македонија има потреба од политичко обединување, но не како автоматски одговор на надворешни очекувања!
– Потребно е обединување околу јасно дефинирани државни позиции, потоа околу принципи што нема да се отвораат при секоја нова криза и околу идејата дека европскиот пат не смее да значи постојана институционална неизвесност! Во спротивно, секој следен повик за „последен чекор“ ќе звучи исто како и претходните – како нешто што веќе сме го слушнале, прифатиле и… повторно го започнуваме од почеток – тврдат соговорниците.
Какво обединување ни е потребно?
Вистинското прашање не е дали ни е потребно обединување, туку какво треба да биде обединувањето? Ако под обединување Рокас и Европа подразбираат брзо усогласување без широка граѓанска согласност, ако под тоа подразбираат партиска дисциплина наместо институционален дијалог или пак подразбираат консензус создаден под притисок, тогаш тоа не е обединување, туку привремена политичка координација.
И токму такви „обединувања“ ја доведоа државата до точка каде секоја нова одлука изгледа како нов почеток, наместо како логично продолжение. Во еден таков контекст, Рокас треба да биде попрецизен и јасно да објасни, не за формата на обединување како неопходност, туку за содржината и суштината на обединувањето. Само така ќе се препознае дали неговите пораки во јавноста се добронамерни и визионерски, или се во функција на уште еден непринципиелен притисок врз државава што би било „веќе видено“ (дежа ви) и „веќе доживеано“ (дежа веку). П.Р.
_______________________________________________________________________
Уставот како „променлива категорија“?!
Во стабилни демократии, уставот е темел. Тој ретко се менува и внимателно се гради. Во Македонија, тој сè повеќе наликува на варијабилен документ, а не на монолитен документ.
Токму затоа, дебатата за нови уставни измени не може да се сведе на техничко прашање. Токму затоа соговорниците го поставуваат прашањето дали државата сака да има континуитет или живее во постојана транзиција?
– Политички, честите и длабоки уставни интервенции создаваат перцепција на нестабилност и отвореност на темелните прашања. А во политика, перцепцијата често има сила колку и нормата – тврдат нашите соговорници. П.Р.
Европската агенда и домашната реалност
Европска Унија останува најважниот стратешки партнер – економски, политички и безбедносен. Тоа не е спорно. Но спорно е нешто друго. Дали европската интеграција треба да се води како процес на внатрешно зајакнување или како серија на условени прилагодувања? Кога реформите се доживуваат како надворешно наметнати, тие губат легитимитет, без разлика на нивната суштина, заклучуваат нашите соговорници. П.Р

































