Фото:Беким Сали/Фејсбук

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон, на која беше потврдена силната партнерска соработка и континуираната поддршка меѓу двете земји – информира Министерството за европски прашања.

На средбата беше истакнато дека Обединетото Кралство е значаен стратешки партнер, особено во процесите на реформи, зајакнување на демократските институции, економскиот развој, безбедноста и институционалната трансформација.

Сали нагласи дека Владата останува целосно посветена на спроведувањето на Реформската агенда 2024–2027 и Планот за раст за Западен Балкан, како клучни механизми за модернизација на државата, подобрување на јавните услуги и забрзување на усогласувањето со Европската Унија.

Во разговорите беше потенцирана важноста од добро владеење, институционална координација, дигитализација, сајбер-безбедност, борба против дезинформации, како и креирање политики засновани на резултати и институционална отчетност.

Соговорниците разменија мислења и за можностите за продлабочување на економската соработка, инвестициите, инфраструктурните проекти, иновациите, како и зелената и дигиталната трансформација.

Сали ја оцени како особено значајна континуираната поддршка од Обединетото Кралство за демократските процеси и институционалното зајакнување, нагласувајќи дека партнерството меѓу двете земји се темели на заеднички демократски вредности, владеење на правото и регионална стабилност.