Романија, една од најмладите земји членки на Европска унија, првпат го презема претседателствувањето во Советот на ЕУ на 1 јануари, во контекст на демократско назадување.
Назадувањето на Романија во областа на владеењето на правото и демократските норми ги бранува европските институции со месеци, откако романската социјалдемократска Влада почна да презема контроверзни мерки.
Букурешт, некогашен шампион во борбата против корупцијата во источноевропскиот блок, денес е на тапет. Во својот редовен извештај за напредокот на Романија во ноември, Европската Комисија констатираше ова назадување со недвосмислен речник.
– Жалам што Романија не само што закочи во реформскиот процес, туку повторно отвори прашањ и назадуваше онаму каде што имаше напредок во последните десет години. Суштински е Романија да се врати веднаш на прав пат во борбата против корупцијата и да обезбеди независно судство – изјави на 13 ноември потпретседателот на ЕК задолжен за владеењето на правото, Франс Тимерманс.
Повеќе работи и се замеруваат на романската влада. Меѓу другото отстранувањето на главната антикорупциска обвинителка, Лаура Ковеси, како и други клучни личности од оваа област. Владата исто така се обидува да усвои закон за амнестија, од кој најголем бенефит ќе има токму лидерот на социјалдемократите, Ливиу Драгнеа, осуден за изборни измами, поради кои не смееше да ја прземе премиерската функција. Многумина сметаат дека сегашната премиерка е само „параван“ зад кој всушност Драгнеа ги влече конците.
Европскиот Парламент неодамна изгласа резолуција со која ја осуди и репресивноста и бруталноста на романските власти врз антикорупциските граѓански протести во август.
Се чини дека Романија тргна по патот на „нелибералните демократии“ како Унгарија и Полска, со истакнато антиевропско расположение.
Во овој контекст, романското претседателство треба од утре да управува со агендата на ЕУ во наредните шест месеци, кои ќе бидат впрочем и меѓу најтешките. Во следниот семестар треба да се изнајде решение за напуштањето на Обединетото Кралство на ЕУ и да се подготват круцијалните мајски европски парламентарни избори кои можат значајно да го изменат политичкиот пејзаж во ЕУ.
Пред неколку дена шефот на ЕК, Жан-Клод Јункер, отворено изрази сомнеж за капацитетот на Романија да го води ова претседателство. Земјата претседавач има задача, пред сѐ, да изгради консензус на европско ниво, имајќи ги предвид сите политички разлики и сензибилитети на земјите членки.
Неколку недели пред почетокот на романското претседателство, сериозно се разгледуваше можноста Финска, која ќе претседава со ЕУ од јули до декември 2019 година, да го преземе кормилото и во првиот семестар. Нешто што никогаш до сега не се случило во ЕУ. Идејата беше конечно отфрлена и Романија ќе си го заземе претседавачкото столче на 1 јануари.
Но, во Брисел не се сите толку песимисти како Јункер. На претседателот му реплицираше на Твитер шведскиот амбасадор при ЕУ, Ларс Даниелсон, апелирајќи да „и се остави шанса на Романија да го започне своето претседателство пред да се суди за нивниот капацитет“. Тој додаде дека романскиот тим во Брисел „сигурно“ ќе биде успешен.
Важно е да се потенцира и дека по Лисабонската повелба, во ЕУ, земјата претседавач не ги води повеќе сите формации на Советот. Со Европскиот Совет претседава Доналд Туск, а со Советот за надворешни високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини. А поради европските избори романското претседателство ќе биде покусо од другите, бидејќи ќе заврши на крајот на мај наместо на 30 јуни.