Фото: ЕПА

Зошто ОПЕК+ ги отвора вентилите за нафта и што значи тоа за светската економија?

  • Планираното зголемено производство на нафта на земјите од ОПЕК за јуни не е само техничка одлука туку и сигнал за пазарите, геополитиката и идните ценовни амплитуди. Но како би се толкувал тој сигнал? Оваа тема ја анализираме со повеќе енергетичари и професори, како и со политички аналитичари од ЕУ. Разговорот го сублимираме во неколку најбитни точки, поврзани со енергетиката, економските и политичко-безбедносните рефлексии на регионален и глобален план

Во време кога глобалната економија сè уште се обидува да најде рамнотежа меѓу инфлацијата, геополитичките тензии и енергетската транзиција, најновата одлука на ОПЕК+ повторно го става нафтениот пазар во центарот на вниманието. Седум водечки производители, и тоа Русија, Саудиска Арабија, Ирак, Казахстан, Кувајт, Оман и Алжир, деновиве постигнаа согласност да го зголемат максималното производство за 188.000 барели дневно во јуни!
Ова зголемување доаѓа веднаш по сличниот потег во мај, кога производството беше зголемено за 206.000 барели дневно. На прв поглед станува збор за постепено „олабавување на рестрикциите“. Но зад оваа бројка стои многу подлабока причина.

Контролирано отворање на славините за нафта

ОПЕК+ веќе подолго време игра внимателна игра. Имено, во основа, тоа е ограничување на понудата за да се одржат цените стабилни, но без да се предизвика економски шок.
– Зголемувањето од 188.000 барели дневно не е драстично. Тоа е сигнал дека организацијата сака да избегне прегревање на цените. Ова е особено важно во контекст на глобалната побарувачка, која покажува знаци на стабилизација, но не и експлозивен раст. Со други зборови, ОПЕК+ не сака ниту премногу високи цени (кои би ја задушиле економијата) ниту премногу ниски (кои би ги погодиле буџетите на земјите извознички) – велат нашите соговорници.
Особено внимание привлекува позицијата на Русија, која ќе може да го зголеми производството на 9,762 милиони барели дневно. Во услови на западни санкции, Русија се обидува да ја задржи својата улога како клучен глобален снабдувач.
– Зголемувањето на производството може да значи дека Москва гледа простор за пласман на повеќе нафта, особено кон азиските пазари. Но истовремено тоа покажува дека Русија останува активен и влијателен играч во рамките на ОПЕК+ – тврдат соговорниците.

Зголемувањето на производството најчесто има смирувачки ефект врз цените на берзите

На краток рок, ваквото зголемување најчесто има смирувачки ефект врз цените. Поголема понуда значи помал притисок за раст на цените. Сепак, пазарите не реагираат само на бројки туку и на очекувања.
Аналитичарот од Брисел, наш соговорник, издвои мислење дека во врска со ова, првите прашања на инвеститорите ќе бидат: Дали ова е почеток на поголемо зголемување на производството? Дали побарувачката ќе ја следи понудата? Дали постои ризик од нови геополитички шокови?
– Ако пазарите проценат дека зголемувањето е умерено и контролирано, цените може да останат стабилни или благо да опаднат. Но ако се појави перцепција дека дисциплината во ОПЕК+ слабее, може да следува поголема волатилност – тврди нашиот соговорник.

Геополитичкиот фактор: САД и Иран

Одлуката на ОПЕК+ не може да се разгледува изолирано од тензиите меѓу САД и Иран. Во таа смисла нашите соговорници го издвојуваат ставот дека ако кризата ескалира, ќе ескалира и економскиот и енергетскиот ризик.
– Иран, како значаен производител, веќе долго време е под санкции. Ако односите се влошат, ќе се зголеми и ризикот. Во тој случај ќе постои ризик од намалување на иранскиот извоз. Натаму, ќе има нарушување на транспортните рути во Персискиот Залив, а со сето тоа и раст на цените поради геополитичка несигурност – сметаат нашите соговорници енергетичари.
Според нив, накратко, во еден таков контекст, зголемувањето на производството од страна на ОПЕК+ може да се гледа како превентивен потег, имено создавање „тампон“ во понудата за да се ублажат потенцијални шокови.

Дали излегувањето на ОАЕ има влијание?

Еден од најинтересните аспекти на оваа одлука за зголемување на производството на нафта е отсуството на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), кои се повлекуваат од ОПЕК и ОПЕК+. Формално, нивниот удел е едноставно исклучен од новите квоти. Но суштински, пак, тоа го отвора прашањето дали ОПЕК+ почнува да се фрагментира.
– ОАЕ одамна покажуваа незадоволство од ограничувањата на производството, бидејќи имаат капацитет да произведуваат повеќе. Нивното излегување може да се толкува како сигнал дека не сите членки се подготвени да ја жртвуваат продукцијата заради колективна ценовна стратегија. Сепак, краткорочно, оваа промена нема драматично да го наруши балансот. Другите членки се обидуваат да покажат дисциплина и единство – гласи одговорот на ова прашање од страна на нашите соговорници.
Овој потег повторно ја отвора и поголемата дилема за тоа колку долго светот ќе остане зависен од нафтата.
Додека се зборува за зелена транзиција, реалноста покажува дека нафтата и понатаму е клучен ресурс. Одлуките на ОПЕК+ и натаму имаат директно влијание врз глобалната економија. Е.Р.


Што значи ова за потрошувачите?

Дали ќе настапи тренд на пад на цените на горивата?

Кај обичните граѓани најголем интерес, сепак, предизвикува прашањето дали ќе паднат цените на горивата.
– Одговорот е со голема веројатност дека ќе одат надолу, но не драстично и не веднаш. Цените на бензинот зависат од повеќе фактори, и тоа од глобалната цена на нафтата, од рафинериските капацитети, од даночните политики, од курсните разлики итн. Зголемувањето на производството може да помогне во стабилизација, но нема автоматски да доведе до значително поевтинување – велат економските аналитичари.
Тие го објаснуваат и зголемувањето на производството од ОПЕК+.
– Зголемувањето на производството од страна на ОПЕК+ не е драматичен пресврт, туку внимателно калибриран потег. Тој покажува дека организацијата се обидува да ја одржи контролата врз пазарот, дека геополитиката останува клучен фактор, дека внатрешните тензии (како излегувањето на ОАЕ) не се занемарливи. Во свет во кој енергијата е моќ, секое отворање на вентилот е истовремено економска и политичка порака. И токму затоа оваа одлука не е само бројка туку и дел од пошироката глобална стратегија што ќе продолжи да ги обликува цената на нафтата, стабилноста на пазарите и односите меѓу големите сили – велат нашите соговорници. Е.Р.


Засега остан уваме со најниска цена на бензините и дизелотво регионот

Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека остануваме со убедливо најниска цена на бензините и дизелот во регионот, со намалени акцизи за бензините и за дизелот и намалено ДДВ за бензините. Премиерот исто така потврди дека „не се планира нова мерка за намалување на ДДВ за дизелот“, истакнувајќи дека „според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), државава е меѓу првите три во Европа според аплицирани мерки во однос на БДП“.
– Граѓаните од соседните држави ја зголемија потрошувачката на бензинските пумпи во Македонија, во одредни денови за 30 проценти. Ние сме горди што можеме да влијаеме за подобар стандард на граѓаните на соседните држави, меѓу кои се Србија, Косово, Албанија, Грција и, делумно, Бугарија. Како држава сме фактор на стабилност и продолжуваме со политика што ќе значи подобар стандард за граѓаните. Остануваме на намалените акцизи за бензините и за дизелот, остануваме на намаленото ДДВ за бензините и остануваме со убедливо најниска цена на бензините и дизелот во регионот – изјави премиерот во врска со ова прашање, додавајќи дека паралелно се прават и проверки од страна на пазарните инспектори по добиените индиции дека одредени нафтени компании вршеле реекспорт на горива. Е.Р.