РАКОМЕТ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) објави дека навивачите што сакаат да ги гледаат своите омилени репрезентации на Европското првенство (ЕП) за ракометарки годинава во Полска, Романија, Чешка, Словачка и во Турција можат да ги обезбедат своите дневни билети преку интернет-страницата на ЕХФ, и тоа за пет од салите во кои ќе се играат натпреварите на шампионатот. Заедно со постојните пакети, сега се нудат и дневни билети за натпреварите од годинашното Европско првенство, и тоа во Катовице, Клуж-Напока, Орадеа, Братислава и во Брно, пишува Европската ракометна федерација на својата интернет-страница.
Македонската репрезентација своите мечеви од првата групна фаза ќе игра во Клуж-Напока (Романија), во групата Б, во која се и селекциите на Норвешка, Романија и на Швајцарија. Во Орадеа (Романија) ќе се играат мечеви од групата А (Унгарија, Црна Гора, Словенија, Исланд), во Брно (Чешка) е групата Д (Холандија, Чешка, Австрија, Хрватска), во Катовице (Полска) е групата Е (Франција, Полска, Фарски Острови, Украина), а во Братислава (Словачка) е групата Ф (Шведска, Германија, Словачка, Србија). Билетите за групата Ц во Анталија (Турција) ќе бидат достапни подоцна, пишува ЕХФ. Во таа група се репрезентациите на Данска, Шпанија, Турција и на Грција.
Дневни билети се достапни за прелиминарната рунда, главната рунда (за Клуж-Напока, група 1, и за Катовице, група 2) и за завршниот викенд на континенталното првенство (во Катовице), пишува ЕХФ. Н.М.